На осум месеци пред редовните локални избори во Охрид, полека почнува да се вжештува локалната политичка сцена. Владејачката СДСМ го ажурира членството, додека ВМРО ДПМНЕ речиси секојдневно преку медиумски настапи ја гради стратегијата за претстојните избори за градоначалник и Совет. Повремено активна е и Левица, како и другите политички чинители во градот. Иако никој јавно не соопштува, Битката за Охрид веќе е почната.

Кој ќе трча за Градоначалник?

Високи партиски извори во локалната СДСМ велат дека ова прашање официјално се уште не е на дневен ред. Додаваат дека во втоник ќе заседава Централниот одбор на партијата, но не се знае дали тема ќе бидат и локалните избори. Ако ги оставиме формалностите на страна, владејачката партија де факто веќе работи на агендата Локални избори. Освен локален ПР за имиџот од поодамна се грижи и ПР служба од Скопје.

СДСМ веќе го опипува пулсот на членството, но и на охриѓани. Се мери рејтингот на потенцијалните кандидати и локални политички играчи. Првите интерни акнекти, кои течат во континуитет, го издвојуваат актуелниот градоначалник на Охрид Константин Георгиески. Тој стои значително подобро на анкетите во однос на потенцијалните внатрешни ривали, но се уште јавно не се изјаснил дали ќе трча за втор мандат. Георгиески деновиве на својот Фејсбук профил јавно соопшти дека го ажурирал членството во СДСМ, што е јасен сигнал дека таткото на градот не се одалечува од опцијата на која и донесе убедлив триумф на предвремените избори за градоначалник на Охрид, напротив. Освен што е политички активен, тој активно го одработува остатокот од скратениот градоначалнички мандат, во кој отпочна реализација на значајни инфраструктурни и други проекти. Од нивната реализација и поддршката од централата, но и од неговата лична одлука ќе зависи кандидатурата, децидни се партиските извори кои ги консултираше OhridNews.

Во јавноста, како и претходно, во контекст на претстојните локални избори се вклучува името на доскорешниот директор на Царинската управа и висок партиски функционер Ѓоко Танасоски. Toj, пак, не се гледа таму. Во телефонски разговор, Танасоски ни рече дека апсолутно нема градоначалнички амбиции на претстојните локални избори. Потврди дека се уште не се отпочнати партиските процедури за локалните избори, потенцирајќи уште еднаш дека нема амбиции поврзани со локалната власт.

Во анкетите на СДСМ постојано провејуваат одредени имиња познати на јавноста, за кои сепак потесното и пошироко партиско членство смета дека се со мали шанси да добијат градоначалничка кандидатура, дури и под услов докторот Георгиески да одлучи да не трча на избори. Во партиски и вонпартиски кругови се шпекулира и со имиња на уште двајца други доктори, како можни кандидати за градоначалник. Неофицијално нивните амбиции за политичлки ангажман се многу мали.

Во разговорите на тема избори и кандидати за градоначалник, помеѓу охриѓани се погласно може да се чуе уште едно познато политичко име од таканаречената лева опција. Се работи за актуелниот директор на филијалата на Стопанска банка во Охрид, Дејан Блажески. Тој е добро познат на овдешната јавност, бидејќи веќе беше дел од локалниот совет, каде беше исклучително активен. Неговите јавни настапи и елоквентни дискусии се уште се репер за советник со интегритет кој треба да застапува јавен интерес. Економистот Блажески и доктор на науки од областа на здравството, кратко беше политички ангажиран како советник во економскиот тим на министерот Филипче. Се повлече од таму по три месеци, поради несогласувања околу начинот на водење на здравствената политика,  за потоа да го преземе раководењето со филијалата на Стопанска банка во Охрид која од тогаш бележи забележителен раст. Иако е исклучително активен на социјалните мрежи, засега јавно не ги коментира неофицијалните разговори во кои неговото име се спомнува како можен кандидат на претстојните локални избори.

Во кругот имиња – неофицијални кандидати кои се спомнуваат во јавноста, се и двајца истакнати хуманисти и признати волонтери. Лекарот хирург Диел Аголи, кој постојано е поврзуван со политилчки ангажман во повеќе циклуси на локални избори, и кој останува засега доследен на принципите на својата професионална и вонпрофесионална определба, да биде во служба на охриѓани и Охрид. Вториот е докторот на науки од областа на туризмот и познат волонтер Зоран Тунтев. Тој вели дека целта му е Охрид да биде подобро место за живеење. -Доколку градските служби и претпријатија не се гледаат како база за партиски вработувања, а локалните шерифи се држат подалеку од вратите на институциите, зошто да не, низ смеа ни одговори професорот Тунтев, додавајќи дека сите треба да направат повеќе за поубав Охрид.

ОК ВМРО ДПМНЕ процедурално до централата испрати три кандидати

Во опозициската ВМРО ДПМНЕ течат процедурите за кандидирање кандидати за градоначалници. Како што ни изјавија од Општинскиот комитет во Охрид, по спроведената внатрешна постапка, локалното раководство до централата во Скопје официјално испратило три имиња на носители на јавни функции.

Испративме имиња на тројца носители на партиски функции, на член на Извршниот комитет на партијата, пратеник и на претседателот на Општинскиот комитет, Кирил Пецаков, Лидија Петкоска и Сашо Донев. Всушност сега ќе се мери рејтингот на партијата преку рејтингот на нејзините функционери, како дел од процедурата за избор на кандидат за градоначалник, која ќе се одвива во претстојниот период. – појасни во телефонски разговор претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ Сашо Донев.

Од ВМРО ДПМНЕ Охрид, посочуваат дека постапката е на самиот почеток и е во фаза на предлагање кандидати, што значи дека листата на предлози може да се зголемува и крати.  Се очекува наскоро да отпочнат и партиските анкетите за испитување на јавното мислење, кои треба да помогнат во изборот на кандидат за градоначалник на Охрид, посочуваат од ВМРО ДПМНЕ.

Независни листи за Совет

Претстојните локални избори во Охрид ќе бидат интересни и во доменот на Советот, кој, впечаток е, дека е во сенка на институцијата Градоначалник. Во голема мера, сепак тоа зависи од составот и капацитетот на Советот, велат иницијаторите на Независната советничка листа со кои разговараше OhridNews. Како што дознаваме зад неа стои група интелектуалци, меѓу кои има поранешни многу активни политичари на централно и локално ниво, успешни бизнисмени и локал патриоти со различна политичка определба. Интересно е тоа што никој од нив лично нема да биде дел од Независната листа за советници како што ја нарекуваат, туку таа ќе биде сублимат од предлози кои ќе се анализираат и филтрираат во наредниот период, со цел на неа да се најдат вистински личности со капацитет и интегритет кои ќе ја разбијат црно – белата слика на локалната политичка сцена и во Советот ќе делуваат граѓански во интерес на Охрид и охриѓани. -Во тој контекст отворени сме за соработка со сите прогресивни и конструктувни сили во градот, велат иницијаторите.

Дознаваме дека, посочената нема да биде единствената независна советничка листа на претстаојните  локални избори во Охрид, кои треба да се случат во редовниот термин на есен 2021.

Г. Момироски