Владата на 20-тата седница, што се одржа синоќа, донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Оваа одлука влегува со сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“, и е усвоена со цел да не се злоупотреби моменталната состојба на пазарот и да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи, предизвикана со прогласувањето на пандемијата од СЗО. – соопшти Владата.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за увоз и извоз на прехранбени производи. Во информацијата се истакнува дека работната група сочинета од претставници на Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за надворешни работи и Царинската управа предлага да се воведе забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време, и ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство и Царинската управа, да ги преземат сите неопходни активности со цел спроведување на оваа мерка.

Владата ги задолжи Царинската управа, во соработка со Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство, во наредниот период да го следи трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи (тестенини, бисквити и слично) и за истото да ја информира. Владата донесе препорака за мелничко преработувачката индустрија да ја има во предвид бесцаринската квота за увоз на пченица од земјите-членки на СТО во количина од 80.000 тони. – информира Владата.

Исто така, Владата ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство, и Агенција за стокови резерви, заедно со мелничко преработувачката индустрија да ја утврдат моменталната состојба со залихите на пченица и брашно и за истото да ја информираат Владата. Министерството за надворешни работи доби задолжение, преку мрежата на дипломатските и конзуларните претставништва на нашата земја да упати инструкцијата со цел обезбедување информации на дневна основа заради следење на воведувањето на евентуалните забрани на увоз и извоз на стоки кон земјава.

Пазарниот инспекторат е должен да изврши вонредна контрола на магацините и дистрибутивните центри со цел да ја утврди ситуацијата за можни скриени залихи на основни прехранбени производи и воедно да ја следи ситуацијата од аспект на несоодветно покачување на цените и за истото редовно на секои три дена да ја информира Владата на Република Северна Македонија. – стои во заклучокот на Владата.

Владата ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за стокови резерви да изработат листа на прехранбени производи кои што би биле предмет на евентуален интервентен увоз во рок од пет дена, а Агенцијата за стокови резерви веднаш да достави листа на стоки кои ги има на залиха со податоци за количина.

Се задолжува Министерството за економија веднаш да достави предлог за ослободување 100% од царински давачки за производите брашно од пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни, марамчиња, рачни крпи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати, одело хируршко текстилно, варикина и останати средства за дезинфекција, асепсол, медицински алкохол, и заштитни наочари. -информира Владата.

OhridNews