Деведесет и шест дрвца од видот „Malus“ ќе бидат засадени на булеварот „Македонски Просветители“, кој е во фаза на реконструкција. Утрово екипи на јавното комунално претпријатие почнаа со поставување на новиот дрворед на булеварот кој треба да го оплемени просторот на кој во минатото имаше липи.

Се засадува нов дрворед на булеварот „Македонски Просветители“

Стариот дрворед беше отстранет за време на реконструкцијата на булеварот, со образложение дека истиот не е е соодветен за урбана средина, голем број од дрвата биле стари и зафатени од болест поради што претставуваат опасност.

Стариот дрворед на „Македонски Просветители“

Одлуката за замена дрворедот на булеварот „Македонски просветители“, за што имаше реакции во јавноста, е донесена по направена стручна анализа од соодветни научни установи и експерти од областа, како и експерти од Светска банка која ја финансира реконструкцијата на оваа значајна градска сообраќајница, информираат од локалната самоуправа. Покрај деведесет и шесте дрва на булеварот, општината најави дека ќе засади уште 123 дрва на други локации, најголем дел покрај пешачката патека од каналот Студенчишта до Горица.

Дрвата за новиот дрворед ги набави изведувачот на работите за реконструкција на булеварот,  градежната фирма „Илинден“, а во засадувањето асистираат стручни лица и екипи на јавното комунално претпријатие.

Проектот за реконструкцијата на булеварот „Македонски Просветители“ беше изготвен во време на претходната локална власт, а го реализира актуелната. Поради летната туристичка сезона и непредвидени работи истиот е пролонгиран неколку месеци и се очекува да биде завршен до крајот на годината.

Г.М.