Со премиерата на претставата „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс, во режија на Софија Ристевска, Народниот теетар Охрид го одбележува седмиот роденден.
Претставата говори за комплексите, несигурноста и суровоста на современиот човек, кој сосема ја загубил солидарноста и сочувството кон послабиот. Играат актерите Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ Тодороска, и Филип Кипровски.
– Иако е 21 век на Балканот ние живееме во крајно сексистичко општество во кое мажите се уште раководат и оваа претстава е повик за размислување дека послабиот од нас, жената, треба да се почитува исто како и мажот, исто како капиталот. – вели режисерката Ристевска.
Од формирањето театарот има продуцирано 25 премиери, а до крајот на годината подготвува уште две: „Каде е пиштолот господа“ од унгарскиот автор Габор Ѓорѓи во режија на Деана Николовска и популарното дело од Џорџ Орвел „1984“ што ќе го режира Ирена Стерјоска.
– Постои еден голем квалитет кај оваа екипа којшто треба да биде виден и кој пред се треба да биде репрезент на културата во градот и пошироко во регионот. Убавото е што имаме млада екипа и сме отворени за уште помлади актери и режисери кои сакаат да креираат и да правата теетар и тоа ќе се случува во иднина. – изјави Стрезо Стаматовски – директор на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид.
Охридскиот народен театар е една од најмладите театрски куќи во земјата. Иако работи во градот на културата каде се случува најрепрезентативниот фестивал „Охридско лето“, Народниот театар Охрид функционира во крајно лоши услови. Најавената изградба на нова театарска зграда која е неопходност засега е ставена на чекање, а се размислува за мерки за подобрување на условите во постојниот објект.
-Не го кријам фактот дека луѓето тука работат во субстандардни услови и во зима и во лето. На мое барање се направи пресметка и премер за реконструкција на постоечкиот објект кој е во изработка и сега сме во преговори да се промени дограмата од јужната страна, каде имаме многу проблеми, прокиснувања и слично. Се надевам дека тоа ќе се среди, а доколку не се реализира, националната установа од сопствени средства ќе преземе мерки заедно со помагатели да се подобри малку состојбата на објектот кој е стар 37 години и каде ништо не е направено од изградбата до сега. Се размислува и за аплицирање пред меѓународните фондови, но ние нема да чекаме и ќе се обидеме да го доведеме во некоја нормала објектот за да имаме основни услови за работа. – истакна директорот Стрезовски.
Изградбата на современа театарска зграда во Охрид е од исклучителна важност, не само за Народниот театар Охрид, туку и за фестивалот „Охридско лето“, кој сега не може да покани големи театри и претстави, поради недостаток на услови и опрема тие да бидат соодветно поставени, додава Стаматовски.
Инаку, претставата „Стаклена Менажерија“ на Народниот театар Охрид ќе биде изведена и на 58-то издание на фестивалот Охридско лето.
Г. Момироски
















