Плажа број 5г, Плажа број 10,  Плажа број 11, Плажа број 14 , Плажа Лабино, Плажата Грашница 3 и Плажата Дебарца на брегот на Охридското Езеро, во текот на претстојната летна сезона ќе бидат слободни за користење, доколку Министерството за транспорт и врски  не им најде стопан до четврток, 31-ви мај, кога истекува рокот на последниот оглас за концесија, кој беше објавен неодамна.

 Овие плажи не беа издадени со претходните објави затоа што старите концесионери, кои стопанисуваа со дел од плажите, не се пријавија за лицитација. Тие неодамна јавно побараа од Министерството за транспорт и врски да ја намали цената на плажите на потегот од Горица до Лагадин и да ја укине банкарската гаранција.

Дел од старите концесионери, со кои успеавме да стапиме во контакт велат дека нема да ја променат својата одлука и нема да се јават на последниот оглас за концесија.

-Иако неколку пати се обративме до надлежните во министерството и побаравме да се намали цената за закуп, не ни беше излезено во пресрет. Не верувам дека некој од претходните концесионери на овие плажи ќе види економски интерес за да повторно ја земе плажата под концесија, по овие услови, вели долгогодишен концесионер на една од плажите, кои сеуште не се издадени.

Тој апелираше до надлежните институции на локално и државно ниво да се погрижат за уредување на неиздадените плажи и да ги одржуваат во текот на сезоната.

-Би било многу жално доколу она што го имаме вложено во инфраструктура се остави на совеста на туристите. Сметеме дека дел од надлежните треба да се погрижат за да овие плажи имаат убав изглед преку летото, иако нема да имаат концесионери. Треба редовно да ги одржуваат и да ги чистат, а треба да обезбедат и спасители за безбедноста на капачите, велат старите концесионери. Тие се надеваат дека ќе може да аплицираат за закуп на плажите, во рамки на  јавните огласи  кои ќе бидат објавени догодина.

Инаку на последниот јавен оглас за давање под краткотраен закуп на плажите на охридското крајбрежје, на подрачјето на општините Охрид и Дебарца, може да се пријават домашни и странски правни и физички лица.

-Најповолниот понудувач е должен уредувањето на плажите, согласно Урбанистичко техничка документација за уредување на капалишта, да го заврши најдоцна до  15 јуни 2012  година. Понудувачот е должен пред склучување на договорот за доделување на краткотраен закуп на плажите во Охрид, во рок од 15 дена да достави банкарска гаранција од 1 милион денари, со која ќе гарантира дека плажата ќе биде уредена согласно правилата и дека во текот на закупот ќе ги исполнува договорените услови, пишува меѓудругото во јавниот оглас.

Почетната цена на електронското јавно наддавање за едногодишна закупнина за охридските плажи изнесува 80 денари од метар квадратен. Едногодишната закупнина за плажата во општина Дебарца изнесува 5 денари од метар квадратен.

OhridNews