Советот за етика во медиумите (СЕММ) со загриженост реагира на зачестените случаи на неетичко и непрофесионално известување, а особено на ширењето шпекулации кај одредени медиуми во врска со пандемијата на коронавирусот, што дополнително би можело да влијае врз натамошно зголемување на загриженоста и вознемиреноста кај јавноста заснована на неточни информации и сензационализам.

Од моментот на прогласување на вонредната состојба до денес, до Комисијата за жалби при СЕММ се пријавени 27 случаи на непрофесионално и неетичко известување. Од нив, најголем дел (19 жалби или 70 отсто од случаите) се однесуваат на известувањето околу пандемијата на коронавирусот. прекршување на членот 8 од Кодексот на новинарите, односно сензационалистичко информирање, како и на член 1 кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 32% од пријавените случаи, информира СЕЕМ.

На уредниците им укажуваме дека сензационалистичкото известување во јавноста нема предност над професионалното и етичкото известување, а медиумите треба да дејствуваат на начин што ги разликува од обични преносители на информации и факти и да ја применат и својата улога како смирувачи на вознемиреноста кај граѓаните со професионално информирање. – се вели во реакцијата на СЕЕМ.

Јавноста реагира и на обидите за политизирање на кризата околу коронавирусот во медиумите, а во дел од пријавените случаи до СЕММ утврдено е дека новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политичките субјекти.

Истовремено, СЕММ упатува остра осуда на говорот на омраза и дискриминација присутен на социјалните мрежи, а медиумите ги повикува да се дистанцираат од натамошно пренесување на таквиот говор или, пак, да учествуваат во неговото професионално разобличување.

OhridNews