Зголемената телесна тежина кај децата од школската возраст добива загрижувачки размери во охридскиот регион. Медицинската статистика покажува дека буквално секое четврто дете во Охрид е дебело или со ризик за здебелување.

Податоците од Центарот за јавно здравје во Охрид од претходните неколку години, говорат дека проблемот со дебелината е изразен кај сите возрасти во основното образование, кои биле предмет на евидентирање.

На пример според внесените податоци од 2012 година, за учениците од второ одделение од четири охридски основни училишта, може да се види дека од вкупно 127 прегледани ученици 33 имале висока или прекумерна телесна тежина. Слични податоци се евидентирани и кај децата од петто одделение. Во 2012 година од вкупно 182 деца на оваа возраст, од две основни училишта, евидентирани биле околу 20 ученици со зголемена телесна тежина. Во 2011 година од 95 петтооделенци од други две основни училишта, дури 23 биле дебели.

-Овие податоци ги добиваме од одделот за школска медицина при Здравствениот дом во Охрид, каде што се вршат редовните систематски прегледи кај учениците од основно и средно образование. Евиденцијата ја правиме во специјална компјутерска програма, а сумираните податоци ги испраќаме во Републичкиот Центар за јавно здравје каде што се прави преглед на државно ниво, вели д-р Мира Митреска специјалист по хигиена со здравствена екологија, од Центарот за јавно здравје од Охрид.

Како главна причини за ваквата состојба кај охридските деца, педијатрите ги посочуваат нездравите животни навики.

-Децата се повеќе јадат висококалорична храна и слатки како и месни и млечни производи кои во себе содржат зголемено количество хормони. Но како значаен фактор за појавата на зголемената телесна тежина кај децата е и нивната намалена физичка активност, бидејќи во денешно време, децата многу ретко спортуваат, а слободното време го користат за  гледање телевизија  и седење пред компјутер, велат дел од охридските педијатри, со кои пораговаравме на оваа тема.

Тие посочуваат дека за да се одржува здрава тежина кај децата, родителите мора да се погрижат за здраво мени на исхрана.

-Не постои некоја голема тајна околу здравата исхрана. Родителите треба да се трудат децата да внесуваат доволно зеленчук, овошје и производи од цели зрна, млеко и млечни производи со мала масленост. Од месните намирници за децата пожелно е да го одберат попосното месо, пилешко и риба. Исто така важно е да се избегнуваат пијалоците засладени со многу шеќер и да се ограничи консумирањето на слатки и заситени масти, советуваат педијатрите.

Тие нагласуваат дека освен здрвата и балансирана исхрана, за одржување на нормална телесна тежина на детето се препорачува и соодветна физичка активност.

Е.М