Претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани јавно објави на својот Фејсбук профил дека добил закани од братот на Бекир Асани, Бејтула, поради неговите критики објавени исто така на Фејсбук за случајот со полицајката повредена при обид да му напише казна на човек близок на ДУИ за сообраќаен прекршок. Селмани вели дека не е прв пат да добива закани од луѓе на ДУИ.

„Не е прв пат да добивам закани и да бидам провоциран од луѓе на ДУИ. Не сум ги објавил јавно заканите затоа што не сум сакал во ниту еден момент силеџиите да помислат дека навистина им се плашам. 

Ги пријавувам заканите во полиција чисто да оставам трага ако некој од силеџиите на ДУИ се обиде да ги реализира нив.

Сакам да им се заблагодарам на моите колеги за солидарноста што ја покажаа со мене. Ги уверувам дека ЗНМ, без разлика на заканите и уцените што се упатуваат кон мене, нема да се откажеме од нашата заедничка мисија, слободата на говорот во Македонија да биде дел од нашите животи, а не само мртво слово во Уставот.

Го ценам професионален однос на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и на полицајците што постапуваа во овој случај, но тоа не можам да го кажам и за обвинителката Спасенка, која не можеше да препознае очигледна закана по мојот живот.

Му се заблагодарувам на Специјалниот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир и на целиот дипломаткси кор во Скопје, што силно застана во одбрана на слободата на говорот во Македониа. Денеска бев информиран дека овој инцидент го третираат многу сериозно во европски контекст после кукавичкото убиство на мои колеги во Малта и Словачка.

Силно верувам дека македонските граѓани се сплотени во одбрана на европски вредности кои се атакувани од одредени политички маргиналци и силеџии.“ – напиша на Фејсбук Селмани.

Реакција пристигна иод владата, која го осудува инцидентот.

„Најостро го осудуваме секој обид за напад или закана врз новинарите. Ги повикуваме сите надлежни институции да го истражат случајот во врска со пријавата за закана врз претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Потенцираме дека Владата на Република Македонија е цврсто определена кон почитување на слободата на изразување, професионално и објективно работење на новинарите, без политичко влијание или какви било притисоци.“ -се вели во владината реакција.

OhridNews