Селското домаќинство „Пирустија Неданоски“ од село Рамне учествуваше на вториот интернационален конгрес за рурален гастрономски туризам DISCOVER-EAT, кој се одржа во регионот Кастиља-Ла Манча, Шпанија.

Во своите обраќањата Неданоска и нејзиниот син, Христијан, се осврнале на нивните почетоците и начинот на кој функционира домаќинството. При тоа споделиле кои се нивните најчести гости, но и зошто и како ги организираат часовите по готвење македонска традиционална храна под мотото „Учиме да сучиме“.

За време на 30 минутно официјално претставување мислам дека направивме многу. Но, сметам дека сепак не е доволно, па во неврзаните разговори со сите од предавачите после нашето претставување на сцена, ги продлабочивме нашите изјави за македонската кујна, традиција, начин на живот со секој посебно, зависно од интересот. Ова беше прекрасна можност да се зборува за Македонија, за сличностите и разликите во однос на храната со соседите, да се пренесе една идеја за зачувување на нематеријалното културно наследство. Огромна е честа да се биде на сцена и во друштво на вакви моќни и достојни луѓе во светот на светската гастрономија. Уште поголема беше одговорноста пред нив да се зборува искрено за својот труд и влог во локалната и националната гастрономија. Ме радува фактот што бевме примени и третирани на едно високо ниво, за што им благдарам многу на RAIZ CULINARIA и VOCENTO GASTRONOMIA од Шпанија, вели Неданоска.
Додека траела презентацијата и наизменичните говори со нејзиниот син Христијан, Неданоска имала единствена шанса да подготви еден комат кој подоцна бил дегустиран од страна на останатите предавачи. А за да биде сликата комплетна запеала и една македонска изворна песна со што го претставила фолклорот и од тој аспект.
Имам можност по втор пат да бидам дел од некој ваков голем настан, после оној во Италија, сега во Шпанија, кадешто со мојата мајка го претставуваме и нашето селско домаќинство, селото Рамне, Охрид и цела Македонија. Мојот удел во нашата фамилијарна приказна е од повеќе аспекти, сите ние сме вклучени во сите активности. За мене беше предизвик да го зборувам и да го истакнам она што со леснотија и љубов го работам во нашето домаќинство. Искуството овде беше драгоцено затоа што слушнавме како се одвива движењето на руралниот гастрономски туризам во земјите и регионите од кадешто беа предавачите на конференцијата, вели Христијан.

Н.С.Ј.











