Селското домаќинство „Пирустија Неданоски“ од село Рамне учествуваше на вториот интернационален конгрес за рурален гастрономски туризам DISCOVER-EAT, кој се одржа во регионот Кастиља-Ла Манча, Шпанија.

Како што истакнува Наташа Неданоска, главната цел на настанот била да се потенцира гастрономијата како движечка сила за градење заедници со посветла иднина. Конгресот ги застапувал регионите со посебен идентитет, локален талент и гостопримство, ставајќи акцент на соработка меѓу жителите и производителите со цел да се промовира форма на туризам способна да генерира развој и да ги зајакне руралните заедници.

Во своите обраќањата Неданоска и нејзиниот син, Христијан, се осврнале на нивните почетоците и начинот на кој функционира домаќинството. При тоа споделиле кои се нивните најчести гости, но и зошто и како ги организираат часовите по готвење македонска традиционална храна под мотото „Учиме да сучиме“.

Неданоска при тоа ја потенцирала поддршка која ја добиваат, соработката со локалното население, членството во различни организации, како и нејзината меѓународна едукација на тема рурален туризам. Истакнала дека сакаат да продолжат со исто темпо, да не менуваат генерално ништо, да бидат чувари на традицијата и нејзини презентери по светот.

За време на 30 минутно официјално претставување мислам дека направивме многу. Но, сметам дека сепак не е доволно, па во неврзаните разговори со сите од предавачите после нашето претставување на сцена, ги продлабочивме нашите изјави за македонската кујна, традиција, начин на живот со секој посебно, зависно од интересот. Ова беше прекрасна можност да се зборува за Македонија, за сличностите и разликите во однос на храната со соседите, да се пренесе една идеја за зачувување на нематеријалното културно наследство. Огромна е честа да се биде на сцена и во друштво на вакви моќни и достојни луѓе во светот на светската гастрономија. Уште поголема беше одговорноста пред нив да се зборува искрено за својот труд и влог во локалната и националната гастрономија. Ме радува фактот што бевме примени и третирани на едно високо ниво, за што им благдарам многу на RAIZ CULINARIA и VOCENTO GASTRONOMIA од Шпанија, вели Неданоска.

Додека траела презентацијата и наизменичните говори со нејзиниот син Христијан, Неданоска имала единствена шанса да подготви еден комат кој подоцна бил дегустиран од страна на останатите предавачи. А за да биде сликата комплетна запеала и една македонска изворна песна со што го претставила фолклорот и од тој аспект.

Имам можност по втор пат да бидам дел од некој ваков голем настан, после оној во Италија, сега во Шпанија, кадешто со мојата мајка го претставуваме и нашето селско домаќинство, селото Рамне, Охрид и цела Македонија. Мојот удел во нашата фамилијарна приказна е од повеќе аспекти, сите ние сме вклучени во сите активности. За мене беше предизвик да го зборувам и да го истакнам она што со леснотија и љубов го работам во нашето домаќинство. Искуството овде беше драгоцено затоа што слушнавме како се одвива движењето на руралниот гастрономски туризам во земјите и регионите од кадешто беа предавачите на конференцијата, вели Христијан.

На конгресот учетвувале над 30 предавачи од најразлични профили и различни делови од светот, меѓу нив и Ерик Волф, извршен директор на Светската асоцијација за гастрономски туризам.

Н.С.Ј.