Мотивите за братоубиството, кое деновиве го потресе Охрид,  најверојатно се семејни недоразбирања и висок степен на нетрпеливост помеѓу двајцата браќа. Ова денеска го соопштија надлежните служби на СВР Охрид.

– Ние како служба имаме сознанија дека двајцата браќа веќе подолго време имале меѓусебна расправии и нетрпеливост која за жал к улминираше на овој начин. Во мај во СВР Охрид е пријавено нарушување на јавниот ред и мир од страна на двајцата браќа, за вербална расправија, која резултирала со меѓусебна тепачка. – рече потпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, на денешната  прес-конференција.

СВР Охрид вчера поднесе кривична пријава за „убиство на свиреп начин“, против Живко Ангелески  (34),поради основано сомнение дека го убил својот брат Александар Ангелески (31). Од страна на исражен судија на осомничениот, му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

-На убиството му претходела жестока вербална расправија помеѓу двајцата браќа, на 30 ноември, околу 22 часот. При расправијата, осомничениот, со цврст и остар предмет нанел повеќе удари на убиениот, по што го одвлечкал во соседната соба. Откако го исецкал телото на повеќе парчиња, го ставил во две вреќи и пеш го однел на патот кон селото Велестово каде што го расфрлал во радиус од 20 метри- објасни Димоски.

Екипи од СВР Охрид, сеуште работат на утврдување на детали од трагичниот настан. Со понатамошната истрага ќе се утврди дали кривичното дело ќе биде проширено и на други лица.

Ohridnews