Семејствата на загинатите бранители во конфликтот во 2001 гoдина, на членовите на персоналот што настрадаа во авионската несреќа со претседателот Борис Трајковски, како и во хеликоптерската несреќа кај Скопје и во настаните во Куманово во 2015 година и оваа година летуваат во Охрид.

Околу 120 деца, родители и членови на семејствата на загинатите припадници на вооружените сили одмараа поделени во два термини во одморалиштето на МВР во Охрид.

Нив вечерва ги посетија претставници на МВР, СВР Охрид и на локалната самоуправа од Охрид, кои најавија дека и во иднина ќе ги помагаат и поддржуваат семејствата на загинатите припадници на вооружените сили. Нив им беше одадена почит со едноминутно молчење. 

– Нашето дружење овде, односно престој на членовите на семејствата на загинатите припадници на вооружените сили овде во одморалиштето на МВР во Охрид има така да речам традиционален карактер, а вие со полно право сте го имале и ќе го имате третманот на почесни гости со кои, меѓу другото, заедно го споделуваме споменот и сеќавањата на нашите колеги, а вашите најмили. – истакна Тони Ангеловски од МВР.

Од име на локалната самоуправа се обрати членот на градскиот совет Климе Шешоски, кој изрази почит кон семејствата на загинатите припадници на вооружените сили.

-Загубата, знам дека никогаш не ќе може да се надомести како и незаборавот за вашите најблиски, а нивната храброст секогаш ќе остане во колективното паметење на нашиот народ, како највисок чин на родољубие и љубов кон татковината. – рече Шешоски.

Тој најави дека локална самоуправа и во иднина ќе се потруди да овозможи услови за престој во Охрид на семејствата на загинатите припадници на вооружените сили.

Г.М.