Семејството Видиќески кое живее во крајно лоши услови без санитарен јазол и струја во трошна куќа селото Долно Луково, струшко, по речиси две години повторно има електрична енергија. По сторијата што ја објавивме за тешкиот живот на 11-членото семејство, екипи на ЕВН во текот на вчерашниот ден ја приклучија струјата во куќата на Видиќески кои имаат долг за неплатена електрична енергија од околу 27.000 денари, а Министертсвото за труд и социјална политика најави еднократсна помош и други мерки.

Екипа на Центарот за социјална работа од Струга го посети многудетното семејство кое како помош од државата добива само 3700 денари за нега на таткото кој има психичка болест. Социјалната помош на Видиќески им е укината, бидејќи семејството не ја обновило во законскиот рок, а дополнително највозрасното дете кое е полнолетно се вработило во градежна фирма, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
-Семесјтвото не користи ниту субвенции за електрична енергија и покрај тоа што неколку пати од страна на стручните служби во ЦСР Струга им беше укажано дека имаат право на тоа. Стручните служби се во постојан контакт со семејството и секогаш кога има донации, било за храна или облека семејството добива и ги користи. Инаку, случајот е познат на службите во Центарот, познати им се условите во коишто живеат, стручните лица континуирано работат со семејството и советодавно и во однос на средување односи помеѓу мајка – деца. Сепак обидите останаа без успех. – велат од Министерството за труд и социјална политика.
Помош за Видиќески пристигнува од добри луѓе, организации, компании. Црвениот крст од Струга, чиј подмладок покрена акција за подобрување на условите за живот на Видиќески, соопшти дека е дониран мебел, а компанијата „Кармен Бауцентар“ ќе обезбеди ламинат за подовите. Во моментов најпотребен е градежен материјал за изградба на купатило, бидејќи физиолошките потреби семејството ги врши во полеско веце и нема услови за одржување лична хигиена. Волонтерите на црвениот крст доставија храна, а привршуваат и подготовките за хуманитарниот концерт што ќе се одржи оваа сабота. Собраните средства од концертот ќе бидат наменети за помош на семејството Видиќески во Долно Луково.
Сите заинтересирани кои можат да помогнат да се подробрат условите за живот во домот на Видиќески во Луково, треба да се обратат во општината организација на Црвениот крст во Струга.
Г.М.













