Многу ми е пријатно тука, во  ова прекрасно место каде се чувствува посебна енергија, каде секој камен мириса на историја и ја потврдува блискоста на нашите две земји – истакна министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, кој денеска престојува во официјална посета на Охрид, каде оствари средби со македонскиот државен врв.

Лавров на чие инсистирање средбата со македонскиот државен врв се одржа во Охрид не ја криеше воодушевеноста од убавините на духовната престолнина на православието, најавувајќи дека топло ќе им порача на руските туристи да го посетат ова свето место.

-Ја користам оваа прилика да ги повикам руските граѓани ако размислуваат каде да го поминат својот одмор тоа да го направат во ова рајско место. Православната блискост која ги поврзува двете земји претставува дополнителен фактор на привлечност на оваа земја како туристичка дестинација.-рече Лавров

Лавров кој последен пат престојуваше во Охрид во 1999 година, се прошета низ стариот дел на градот и посети повеќе културно историски знаменитости, цркви и Галеријата на икони.

OhridNews