Младиот шарпланинец со извонредно педигре, Медо, од одгледувачницата на охридското семејство Лазороски ги освои најпрестижните награди на неодамнешната Меѓународна изложба на сите видови на расни кучиња, што се одржа во кампот „Ас“ кај Струга, во организација на Кинолошкиот сојуз на Македонија.

Македонската гордост, шарпланинецот Медо, беше севкупен победник. Исто така тој беше победник во расата шарпланинци.

Осумнаесетмесечниот Медо е одличен претставник на својата раса кој и претходно има освојувано награди. На меѓународнара изложба што се одржа во месец април во Битола тој исто така беше првак во расата. Младиот Медо ги следи стапките на својот дедо, шарпланинецот Вир од одгледувачницата „Шарпланинско бачило“, кој пред неколку години го освои второто место на светска излозба. Крвта вода не е, па можеби токму Медо со своите шампионски гени ќе го освои светот.

Инаку, на меѓународниот натпревар на брегот на Охридското Езеро пријавени беа 1300 расни кучиња.

Г.М.
Фото: Дејан Гојковиќ