Додека на аеродромот Свети Апостол Павле пристигнуваат учесниците на Безбедносниот форум на НАТО, претпладнево претседателот Цвенковски и премиерот Груевски имаа одвоени средби со генералот Ленс Смит, командант на Командата за трансформација на НАТО.
НАТО генералот денеска на работен ручек во вилата „Лозје“ се сретна и со министрите за одбрана на Македонија и Албанија, Еленовски и Медиу. На средбата како што истакна Еленовски станало збор за реформите на АРМ, и за подршката на НАТО за нивно реализирање.
Запрашан дали Македонија на самитот в година во Букурешт ќе добие покана за членство во Алијансата, генералот Смит истакна дека тоа ќе биде политичка одлука но од воена гледна точка АРМ има направено голем прогрес и се движи во вистински правец. Ленс и се заблагодари на Македонија за присуството на нејзини воени трупи во Авганистан и Ирак и го пофали, како што рече, професионалниот однос на македонските војници.

Поголемииот дел од учесниците на форумот во Охрид попладнево пристигнаа на аеродромот во Охрид, каде пред малку слета и генералниот секретар на Алијансата Јаап де Хоп Шефер.
Шефер попладне ќе има билатерална средба со премиерот Никола Груевски, а свеченото отворање е во 20 часот. Потоа претседателот Црвенковски за учесниците на форумот ќе приреди коктел на терасата во хотелот „Горица“.
На менито ќе бидат вкусните и познати македонски специјалитети, истакнува координаторот за кетеринг Столе Филипоски, познат угостител од Скопје, инаку сопственик на рестораните „Воденица“ и „Париз“.Како предјадење ќе се подготви македонската „жетварска закуска“ со полнети тиквички, сарма од лозов лист, домашна пита и цедено млеко, а како главно јадење ќе се сервира филе од тиквешки сом, мариниран во билки на македонски традиционален начин
За подготвувањето и послужувањето на македонските специјалитети се ангажирани над 200 врвни кулинарски мајстори и келнери.
фото „МИА“
Работниот дел од Безбедносниот форум на НАТО, започнува утре.
Г. Момироски















