Потпретседателот на СДСМ Игор Ивановски ги посети членовите и симпатизерите на најголемата опозициона партија, и како дел од нивниот план за поголема комуникација денес со членството одржа трибина во салата на Општината. На трибината беа присутни повеќе членови на општинската организација на СДСМ од Охрид, симпатизери, членови, како и градоначалникот Петрески.

„Нашата најголема, најкрупна маана, отсуството на комуникација со членството, новото раководство на СДСМ има намера коренито да го смени“ изјави Ивановски. „За да ја вратиме довербата мора да се вратиме на нашите идеолошки корени, повеќе да комуницираме, повеќе да слушаме, да имаме непосредни и почести контакти со членовите“, додаде тој.

После салвата критики кон владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за селективност во како што рече „наводната борба против криминалот“, на новинарското прашање дали е запознаен со ревизијата на Државниот завод кој содржи доста забелешки за работењето на градоначалникот, Ивановски рече дека „поголем дел од забелешките биле за работењето на бившиот градоначалник и дека секако ќе разговара со градоначалникот Петрески околу неговата работа“.

Државниот завод за ревизија,  во својот извештај. објавен неодамна, изнесе бројни неправилности во работата и на претходниот и на сегашниот градоначалник на Охрид. Меѓу другото се посочени недозволени (без одлука на Совет) финансирања на манифестации, потоа пречекорувања во паушали за патувања во странство и друго.

Запрашан дали ќе посочи конкретно какви криминални активности вршела актуелната влада во изминатиот период, Ивановски, одговарајќи обопштено, рече дека ВМРО – ДПМНЕ прави криминал во здравството притоа уште еднаш поставувајќи го прашањето што деновиве го отвори  СДСМ   „Каква е улогата и кои се активностите на Кедев во случајот со набавката на стентовите на клиниката за кардиологија?“

Пред посетата на Охрид, Ивановски бил и разговарал со членови и симпатизери на партијата од Лескоец.

С. Костоски