АД Пошта на Северна Македонија го модернизира своето работење со цел унапредувањето на поштенските услуги. Во рамки на тие активности, вчера во Регионалната единица Охрид беа ставени во функција шест нови службени возила наменети за потребите на поштенскиот сообраќај во Охрид и Струга.
По тој повод, Регионалната единица Охрид ја посети генералниот директор на АД Пошта на Северна Македонија, Орхан Куртиши, кој истакна дека инвестицијата е дел од заложбите за подобрување на условите за работа на терен и за обезбедување поефикасни услуги за граѓаните.
Наш приоритет е граѓаните навремено и квалитетно да ги добиваат поштенските услуги, без разлика дали станува збор за урбани или рурални средини. Новите возила ќе овозможат подобра организација на доставата и поефикасно покривање на целиот регион, изјави Куртиши.
Шесте нови возила ќе бидат распределени во рамки на Регионалната единица Охрид и ќе се користат за потребите на поштенските единици во Охрид и Струга. Од Пошта очекуваат со нивното ставање во употреба значително да се подобрат мобилноста, оперативната ефикасност и брзината на доставата во регионот.
Од компанијата посочуваат дека модернизацијата на возниот парк претставува дел од пошироките активности насочени кон унапредување на поштенскиот систем и подобрување на услугите за граѓаните и деловните корисници.
Г.М.
Фото: А. Момироска




















