Изминатиот викенд во новиот Национален центар за спортско стрелаштво во Скопје, се одржа третиот по ред Куп на МССФ на кој учество зедоа сите активни спортски клубови од државата со свои претставници. Поради одржување на континуитет и традиција, а со цел мотивација на спортистите од приоритетната олимписка дисциплина-воздушно оружје, беа доделени награди во сите дисциплини и категории.
Најуспешен настап во дисциплината воздушен пиштол-јуниорки имаше Стефанија Вељаноска од СК „Охрид“ со извонреден резултат, воедно и личен рекорд од 552 круга, оставајки ја зад себе второпласираната со цели 8 кругови. Во истата категорија Милица Кочовска од ЖСК „Лихнидос” се пласира на четвртата позиција, додека од 6-та до 8-та позиција се пласираа Стефани и Наталија Савески, како и најмладиот член на ЖСК „Лихнидос”- Ана Мостро.
Кај јуниорите повторно златен медал и личен рекорд од 547 кругови за Иван Милевски од СК „Охрид”. Вицешампионсата титула му припадна на Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос”со 541 круг, додека на третата позиција се пласира Никола Тодороски од СК „Охрид” со резултат од 524 кругови. Кај сениорите на пиштол Даниел Михајловиќ од ЖСК „Лихнидос” ја зазеде третата позиција со резултат од 530 кругови. Неговиот клупски другар Велибор Балоски се пласира на 5-та позиција. Кај сениорките Валентина Гоџоска од ЖСКИ „Лихнидос“ со заостанување од само два круга заврши на четвртата позиција.
Исто и во дисциплината воздушна пушка Кристијан Балоски од СК „Охрид” заврши како четвртопласиран со резултат од 600, 2 кругови. Кај сениоркте на пушка сребрен медал освои Ива Маленко од СК „Охрид” со резултат од 599,1 кругови, додека кај јуниорките во истата дисциплина Теодора Спироска заврши 6-та, а со свој личен рекорд младата Тамара Кичеец од ЖСК „Лихнидос” го освои 8-то место.
Веднаш по настапот во Скопје на покана на стрелачкиот клуб Ниш 1881, охридските стрелци Ива Маленко, Даниел Михајловиќ и Велибор Балоски зедоа учество на првиот меморијален турнир во чест на Зоран Зоки Стоиљкович, истакнат спортист, тренер и селектор на репрезентација.
Наредниот викенд стрелците од охридските клубови треба да земат учество на традиционалниот меѓународен Турнир „Пирин 2025“ што треба да се одржи во Благоевград.
OhridNews