Органски житарки, семиња, безглутенски производи, макробиотска храна, сушени овошја, интегрални колачи, интегрални тестенини, комбуха, соини производи, сок од аронија, магнезиум хлорид, зачини, чаеви и многу други здрави намирници се дел од широката палета на производи кои можат да се купат во првата специјализирана продавницата за природна и органска храна „Биокосмос“, која беше отворена вчера во Охрид.

Продавницата „Биокосмос“ е сопственост на компанијата „Аронија здрава храна“ која повеќе од 10 години успешно пласира програма на природна и органска храна на македонскиот пазар. Специјализирана продавница во Охрид е осма продавница на оваа компанија, која веќе поседува шест вакви продавници во Скопје и една во Велес.

-Нудиме еден нов европски и светски правец на исхрана кој е се поактуелен и во Македонија. Нашата продавница опфаќа специјализирана програма на исхрана како што се сертифицирани органски и интегрални производи, а имаме широка палета на безглутенски колачиња, крекери, брашна, тестенини и барсови. Тоа е специјална храна за лица кои имаат нетолеранција на глутен меѓутоа безглутенскиот начин на исхрана во последно време е популарен и кај спортистите и лицата кои внимаваат на својата линија, вели Анета Стајиќ менаџер на продавниците „Биокосмос“.

Во рамки на свеченото отворање на продавницата се одржа и промоција на книгата „Билките на Баба Рада“, чие издавање е спонзорирано од компанијата „Аронија здрава храна“. Охриѓани покажаа исклучително голем интерес за книгата, која имаа можност да ја набават со лична посвета од Баба Рада.

Производите од продавниците „Биокосмос“ може да се набават и преку електронската продавница за здрава храна www.bionaestore.mk , преку која се врши достава на здрава храна низ цела Македонија.

OhridNews