Репрезентацијата на Шпанија се пласира во финалето на Светското првенство во фудбал што се игра во САД, Мексико и Канада. Црвената фурија во полуфиналето што се одигра во Далас, ја совлада Франција со 2:0 и втор пат се пласира во финале на мундијалите, по 2010 година кога Шпанија ја освои светската титула.

Шпанците беа подобар противник во текот на целиот натпревар. Блескавата Франција која газеше се пред себе до полуфиналето, одеднаш го загуби целиот свој сјај. Дембеле, Баркола, Олисе и Мбапе делуваа немоќно во нападот, средниот ред не креираше речиси ништо, а одбраната не беше на ниво на натпревар со толкаво значење. Делафуенте го надмудри Дешамп кој по Мундијалот го напушта кормилото на Франција која во иднина ќе ја предводи Зинедин Зидан.

Можеби клучниот момент се случи во 22 минута кога Дин направи несмасен прекршок врз Јамал во својот шеснаесетник. Ораизабал беше сигурен од 11 метри. Шпанија имаше целосна контрола во сите сегменти од играта неутрализирајќи го секој обид на Франција да направи нешто во офанзивата. Круна на добрата игра на шпанците беше вториот гол кој го постигна Педро Поро по асистенција на Олмо во 58 минута.

Шпанија во финалето што ќе се одигра во недела во Њујорк, ќе се сретне со подобриот од вториот полуфинален натпревар помеѓу Аргентина и Англија кој на програмата е утре вечер од 21 часот. Малото финале, пак, се игра во сабота.

Г.М.