Четирикратниот првак Баерн Минхен и Барселона им се приклучија на Реал Мадрид и Борусија Дортмунд во полуфиналето од Лигата на Шампиони.


Иако фудбалерите на Јувентус најавуваа чудо и борба до самиот финиш на мечот, избраниците на Хуп Хејнкенс не дозволија такво нешто. Рутински, искусно и дисциплинирано ја чуваа предноста  стекната од првиот натпревар на “Алијанц Арената“.

За патникот во полуфиналето стана јасно кога Марио Манџукиќ во 64-та минута погоди за 1-0. Голот на Пизаро во 90-та минута само ја потврди разликата на класи меѓу Баерн Минхен и Јувентус во дуелот од 1/4 финалето од Лигата на Шампиони.


Шпанскиот репрезентативец Педро Родригез не дозволи сензација на Ноу Камп и пласман на ПСЖ во четири екипи на стариот континент. “Голот во гости“ им пресуди на “светците“ на дуелот со Барселона во 1/4 финалето откако реваншот во Барселона заврши 1-1, а првиот во Париз 2-2 и со вкупни (3-3) “блауграната“ обезбеди пласман во полуфиналето.

“Светците“ со голот на Пасторе во 50-та минута имаа резултат кој ги водеше понатаму. “Џокерот“ за големи натпревари на Барселона, Педро во 71-та минута по асистенција на Давид Виља го постигна изедначувачкиот погодок, кој ја трасираше “тик так“ машинеријата во борба за трофејот.

Ждрепката во Лигата на Шампиони за полуфиналните натпревари е в петок на 12 април.

Мх.П.