Со заеднички активности во вкупен износ од 110.000 евра, Шпаркасе Банка Македонија, Охридска Банка и матичната банка Штаермеркише Шпаркасе од Грац, Австрија, се вклучуваат во поддршката на напорите за надминување на последиците од коронавирусот.

Групацијата Штаермеркише Шпаркасе, претставена во нашата држава преку двете локални банки, Охридска банка и Шпаркасе Банка Македонија, својата солидарност ја искажува преку наменска донација на повеќе здравствени институции и помош на 1.500 социјално загрозени семејства во услови кога им е потребна финансиска помош и поддршка за полесно надминување на последиците од ковид-19 кризата.

Вкупната донација во износ од 110.000 евра наменски ќе биде искористена за поддршка на различни сегменти од здравствениот систем. За потребите на Универзитетската клиника за инфективни и фебрилни болести во Скопје се донирани (54.000 евра) средства за набавка на заштитни маски и скафандери како дневни потреби на здравствените работници, како и одржување и ремонт на постојна медицинска опрема (два мобилни рендген апарати) и набавка на вертикална ламинарна комора. Во рамките на оваа донација се издвоија финансиски средства за поддршка на двете општи болници во моментално најпогодените подрачја надвор од Скопје: Куманово и Охрид, обезбедено е гориво за 32 возила што се на располагање на Итната медицинска помош. Истовремено, оваа недела започнува испораката на хуманитарни пакети со храна и средства за хигиена за 1.500 загрозени семејства, во соработка со Црвениот крст на град Скопје.

„Во тимот е силата. Затоа е важно во ова време да покажеме висока колективна одговорност и грижа за системот во целина. Охридска банка како општествено-одговорна компанија во овој период е фокусирана на дистрибуција на помош на сите полиња. Се грижиме за вработените, за клиентите, одговорно и разумно управуваме со средствата на Банката, со цел одржување високо ниво на ликвидност, која е од огромно значење за економијата, а со оваа заедничка донација подаваме рака на најкревкиот сектор во моментот во земјата“, изјави Нина Неданоска, претседател на Управниот одбор на Охридска банка АД Скопје.

„Остануваме во партнерски однос и интегрирани со бизнисот, локалната и пошироката заедница. Солидарно, работејќи заедно ќе го победиме ковид-19. Во овие тешки моменти, наш приоритет е да останеме здрави, да ги помогнеме и да ги поддржиме нашите сограѓани и институции и да ја одржиме стабилноста и здравоста на Банката. На долг рок, најголема поддршка ќе дадеме работејќи ја нашата работа на професионален и посветен начин преку финансирање на бизнисите и населението за обнова на економскиот раст и просперитет на земјата. Донацијата ја правиме во пресрет на велигденските празници, со порака дека веруваме, се надеваме и споделуваме“ – изјави д-р Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.

Од Охридска банка и Шпаркасе Банка Македонија потенцираат дека остануваат силна потпора на здравствениот систем во земјата. Во меѓувреме, и во двете банки апсолутно се почитуваат препораките и мерките од Владата на Република Северна Македонија за спречување на ширењето на коронавирусот.

 

OhridNews