Пушењето е лоша навика која е широко распространета во светот и покрај големиот број медицински совети против пушењето. Најголемиот број луѓе се свесни за штетното влјание на цигарите врз нивното здравје , заболувањата на белите дробови што предизвикуваат појава на карцином, но не се свесни за појавата на патолошките промени во устата. Пушењето е вдишување чад од растение што гори, особено од тутунот од цигари, пура или луле.

 

Во тутунот освен никотинот, застапени се и други канцерогени агенси кои што може да иницираат појава на орален карцином исто како што иницираат појава на белодробен карцином. Количеството на катран има значаен ефект врз можноста за појава на орален карцином. Оние кои користат меки или средни цигари односно цигари кои содржат до 22 мг катран, имаат 8,6 пати поголема можност да заболат од карцином во споредба со непушачите. Додека, пак, оние кои користат тврди цигари кои содржат повеќе од 22мг катран, имаат 16,4 пати поголем ризик за појава на карцином.

Штетното дејство од пушењето не е само последица од содржината на никотин,од неговите хемиски, токсични па и канцерогени агенси, туку и од топлината која се создава при самото пушење. Оштетувањата зависат од многу фактори, меѓу кои возраста од која пушачот започнал со пушењето , бројот на години колку пуши, бројот на дневно испушени цигари и сл. Забележителна е појавата на бели наслаги на румениот дел од усните кај секој пушач. Овие бели наслаги се од хиперкератотичен епител и се појавуваат точно на местото каде пушачот најчесто ја држи цигарата. Овие наслаги се благо издигнати над останатиот епител и се во пречник од неколку милиметри. Кај страствените пушачи, овој дел од усните е целосно обоен. Јазикот кај пушачите е обложен, некогаш пребоен жолто-црно. На ваквите пребоени површини забележливи се црвенкасти точки. И забите на пушачите, како и нивните протетски изработки се пребоени со потемен пигмент. Оваа пребоеност е најизразена на предните заби .

Освен овие несакани последици, пушењето е причина и за недостатокот на витамин Ц во организмот, бидејќи кај пушачите елиминацијата на витаминот Ц е поистакната отколку неговата задршка во организмот. Ова е причина дентинот да предизвикува дегенерација на одонтобластите, но и зголемена пропустливост која предизвикува крварење во пулпата. Затоа на пушачите им се препорачува зголемена употреба на овој витамин.

Формирањето на забен камен односно цврстите наслаги на забите кои настануваат со минерализација на супрагингивалниот плак е зголемено кај пушачите. Тоа претставува резервоар на бактериски токсини и води до појава на гингивитис (воспаление на непцата) кој пак доколку не се лекува може да премине во пародонтопатија.
Пушењето кај пушачите дава карактеристичен непријатен здив (халитоза) и предизвикува сувост во устата, состојба која е позната како ксеростомија.

Не заборавајте дека ни најубавиот парфем неможе да го уништи одвратниот мирис на чад од цигари. Доколку се самопочитувате себе си, но се грижите и за здрајето на вашите најблиски, ве советуваме дека вистинско време е да престанете со пушењето и да се посветите на некои поубави животни навики. Здравјето ќе ви возврати онолку колку што вие самите вложувате во него.

Текст : Д-р Кристина С. Алоска
Стоматолог во Стоматолошка Ординација
”Д-р Сашо Стоев”