Од искачување на највисокиот вулкан на светот, до големи индивидуални и колективни успеси. Таква беше оваа 2020 година, која поради коронавирусот веројатно многумина сакаат што побрзо да се заборави. Но, годинава се случуваа и настани кои е вредно да се одбележат и архивираат.

Што ја одбележа 2020 во Охрид? Одговорот ќе го најдете во Годишната ревија на настани, што традиционално на крајот од годината ја промовира OhridNews. 7-то издание на Годишната ревија на настани поради новата реалност, овој пат е дигитално и достапно за сите читатели на нашиот портал на следниот ЛИНК.

Во ревијата се поместени и дел од успешните приказни кои ја одбележаа 2020. Оваа година пет успешни приказни го добија Признанието што традиционално го доделува ОhridNews.

Признание за пожртвуваната борба против Ковид-19 нашиот портал и додели на ЈЗУ Општа болница Охрид. Всушност, тоа е признание за сите вработени во установата за нивното залагање и натчовечки напори во битката со невидливиот непријател.

Во име на сите вработени во Општа Болница, а особено во ковид одделенијата, се заблагодарувам на ова признание. На граѓаните на Охрид им посакувам среќни празници. Останете во добро здравје, почитувајте ги мерките, само така ќе покажеме дека се грижиме за сопственото здравје и здравјето на блиските кои ни значат. – истакна Анета Волканоска,  Главна сестра во Општа Болница Охрид.

Признание за трајни вредности и промоција на Охрид, редакцијата на OhridNews додели на Охридската академија на хуманизмот, која деценија и пол е промотор на градот и земјата.

Малкумина знаат дека Охридската академија на хуманизмот е формирана на 19 јануари 1991 година на ден Водици од група интелектуалци собрани околу Издавачката куќа „Маседониа Прима“ на Паско Кузман: Амбасадорот Јордан Плевнеш, Славе Ѓорго Димоски, јас, Александар Петрески, како продолжение на Светиклиментовата книжевна школа. Нејзината интернационална дејност се одвива преку објавување на македонски јазик на голем дел на европски и светски писатели преку едицијата „Хисторија антика маседоника“ и Охридската ризница на меморијата. Од 2007 година па навака, Охридската академија на хуманизмот со превод на делото „Дијалог за животот“ на Даисаку Икеда, кој стана и првиот добитник на Светската награда за хуманизмот, секоја година го доделува ова признание на истакнати светски личности. – истакна Зоран Велјаноски Летра, еден од основачите на Охридската академија на хуманизмот.

Признание за културна и туристичка промоција на Охрид, OhridNews му додели на публицистот и културен и туристички работник Мишо Јузмески.

Во месец ноември излезе од печат неговата осма книга, а прва објавена целосно на англиски јазик, со наслов „Explore Ohrid“ (Истражи го Охрид). Книгата е туристички водич, но она што ја прави посебна е тоа што Јузмески ја претставува општината Охрид во целина како единствен туристички производ.

Ова е посебен момент кога добивам внимание за она што сум го работел во изминатите 12 месеци. Оваа книга на англиски јазик, на 240 страници содржи информации за сите вкусови и потреби. Останува обврска да го оправдам ова внимание и да вратам со нови поуспешни трудови од овој или сличен вид. – рече Мишо Јузменски.

OhridNews додели Признание за активизам и подигање на еколошката свест на движењето „Еко Фап“.

Од иницијатива на социјалните мрежи „Еко Фап“ прерасна во движење кое ја буди еколошката свест на охриѓани, да се направи добро дело во интерес на заедницата. „Еко Фап“ во годината што изминува направи многу такви дела. Се чистеа плажи, планини, реки, градски и какви уште не депонии.

Огромна е честа и празнието од еден медиум кој што стана синоним во градот Охрид за чесност, коректност, навремено информирање и препознавање на големите идеи. Горд сум на OhridNews, на нашиот Охрид, на нашите активисти и на нашето здружение, со напомена дека „Еко Фап“ има многу малку направено од тоа што го планира. Во 2021 подготвуваме уште две нови идеи за зголемивање на еколошката свест и зголемување на севкупната безбедност во градот, за што ќе ја информираме јавноста. – изјави на свеченоста Горан Устијаноски – иницијатор за формирање на еко движењето „Еко Фап“.

OridNews додели Признание и на Клубот за подводни дејности Охрид, за придонес за зачувување на Охридското Езеро. Клубот е формиран далечната 1985 година и зад себе има голем број еколошки и други акции за заштита на езерото, како што беше големата акција за чистење на Охридското Езеро од бомби и експлозивни направи. Речиси сите членови се спасители на вода и членови на тимот на Црвениот крст. Радува што по стапките на своите родители одат голем број од децата на членовите на Клубот за подводни активности. Иднината на клубот е загарантирана. Новите генерации ќе ја преземат обврската од повозрасните да го чуваат најубавото езеро на светот.

Пријатно не изненадивте. Некој во овие 35 години постоење на Клубот за подводни дејности да се сети и на нас. 35 години нашите животи ги посветивме на овој клуб, да го исчистиме и зачуваме ова наше езеро, и сето тоа на доброволна база. Најголем успех за нас како повозрасни членови е нашиот подмладок кој знае квалитетно да нурка и се надевам дека оваа приказна ќе продолжи и во наредните 100 години. – истакна Д-р Горан Балевски – претседател на Клубот за подводни дејности Охрид.

Повеќе за успешните охридски приказни во 2020 година, ќе најдете исто така во дигиталното издание на Годишната ревија на настани на OhridNews.

OhridNews