Шумите покриваат една третина од површината на земјата и се екосистеми со најголема стапка на биолошка разновидност. Тие претставуваат најразновидна и најраспространета средина на нашата планета, но за жал се и најзагрозени од влијанието на климатските промени, како и човековите активности заради глобалното уништување на шумите, шумските пожари кои продолжуваат со алармантни стапки, велат од ЈП Национални шуми по повод 21 Март – Меѓународен ден на шумите.

Посочуваат дека темата за Меѓународниот ден на шумите во 2026 година е „Шумите и економијата“ со цел да се истакне суштинската врска помеѓу здравите шумски екосистеми и глобалниот економски просперитет.

Шумите се извор на егзистенција за повеќе од 1,6 милијарди луѓе ширум светот. Тие обезбедуваат работни места, особено во руралните средини, преку одржливо управување со дрвните ресурси. Акцент се става на користењето на дрвото како обновлив материјал кој може да ги замени пластиката и другите материјали кои го загадуваат просторот, со што се поттикнува „зелена“ економија. Шумите не се само извор на суровини, туку и на храна, лекови и енергија, што е клучно за економската стабилност на локалното население. Кампањата повикува на зголемени инвестиции во заштита и обновување на шумите, бидејќи нивната економска вредност (преку чиста вода, чист воздух и заштита од ерозија) е далеку поголема од онаа што се гледа само преку продажбата на дрвна маса, потенцијаат од ЈП Национални шуми.

Од Министерот за животна средина и просторно планирање информираат дека во текот на наредниот месец започнува јавната расправа за новиот Закон за заштита на природата. Со оваа законска регулатива, велат од Министерството, суштински се унапредува заштитата на природните екосистеми, со посебен акцент на зачувување на шумските предели.

Шумите претставуваат еден од најзначајните столбови на нашето природно богатство, кои покрај тоа што се дом на богат биодиверзитет, обезбедуваат чист воздух и вода и имаат клучна улога во ублажувањето на ефектите од климатските промени. Интегралната заштита и стратешкото управување со овие ресурси се од суштинско значење за одржување на природната рамнотежа и обезбедување на еколошка стабилност на државата, посочуваат.

Министерството упатува отворен повик до надлежните институции, стручната заедница и граѓанскиот сектор за активна вклученост во претстојниот консултативен процес.

Заштитата на природата е заедничка општествена одговорност и директна инвестиција во иднината, поради што е неопходен широк придонес во креирањето на квалитетно и сеопфатно законско решение, кое ќе одговори на современите еколошки предизвици, додаваат од Министерството.

Н.С.Ј.