Општините од југозападниот плански регион во кој спаѓа и Охрид, ќе црпат шведски искуства во управувањето со отпадот, што се смета за еден од најгорливите еколошки проблеми со кои се соочува нашето општество.

За таа цел во организација на МЖСПП и шведската агенција за животна средина, вчера во одморалиштето на Црвен крст во Струга се одржа еднондневна работилница за подобрување на системот за управување со комунален отпад. На работилницата  беа презентирани искуствата од соработката во управувањето со комуналниот отпад на  општина Гостивар со шведскиот град Борланг.


Шведска според глобалната ранг листа на еколошки најчисти држави, убедливо е на прво место. За разлика од Македонија, во Шведска системот за управување со отпад е многу развиен, за што говори фактот што само 5% од вкупниот отпад се депонира, додека остатокот се компостира, рециклира или согорува од што се добива енергија.


Шведските експерти препорачуваат дека во Македонија најпрвин треба да се изградат регионални депонии според стандарди на ЕУ, какви што засега нема во земјата, а општините треба да се насочат кон регионална соработка и заедничко уптравување со отпадот. Тие посочуваат дека многу значајно внимание треба да се обрати на примарната селекција на отпадот, а понатамошниот третман како што е рециклирањето или друга обработка на отпадот треба да биде предмет на јавно приватно партнерство.

Ohridnews