Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја одликуваше Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“. Зад признанието стои научна работа што помогна да се создаде нова генерација лекови за дијабетес и дебелина.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во „Вила Водно“ ја одликуваше научничката Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“, за нејзиниот придонес во биохемијата и меѓународната афирмација на македонската наука.
Со своето научно дело и меѓународно признание, таа даде непроценлив придонес и нè задолжи како држава“, рече претседателката на свеченоста. Мојсов емотивно се заблагодари: „Јас сум без зборови. Многу ви благодарам“.

GLP-1 се ослободува во цревата по оброк и му помага на организмот да го регулира шеќерот во крвта. Во текот на 1980-тите, Мојсов со својата работа на синтеза и анализа на пептиди помогнала да се утврди која форма на овој хормон е биолошки активна. Истражувањата потоа покажале дека таа го поттикнува лачењето инсулин од панкреасот. Тоа сознание ја поставило научната основа за развој на лекови што денес се користат во третманот на дијабетес тип 2 и дебелина. Самите лекови се резултат на понатамошна работа на повеќе научници и фармацевтски истражувачки тимови.
Патот до признанието бил долг. Иако нејзиниот придонес бил клучен, името на Мојсов со години не добивало соодветно место во приказната за откритието. Таа успеала да издејствува исправки во патенти во кои првично не била наведена како коавтор на пронајдокот. Во последните години нејзината улога доби широка меѓународна потврда.
Во 2024 година Мојсов, заедно со Џоел Хабенер и Лоте Бјере Кнудсен, ја доби престижната награда „Ласкер–Дебејки“ за клинички медицински истражувања. Во 2025 година беше наградена и со Breakthrough Prize за животни научни дела и избрана за член на Националната академија на науките на САД.
Светлана Мојсов претходно во 2025 година ја доби и Светската награда на хуманизмот на градот Охрид.
Г.М.














