Туризмот, како гранка, не само што носи приход, туку и го промовира македонското природно богатство и културно наследство пред светот, како наша компаративна предност, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска.
Во фокусот на средбата беа можностите за интегрирање на туризмот во надворешната политика, преку активна вклученост на македонските дипломатско-конзуларни претставништва, културни институции и дијаспората, како мостови кон нови пазари и туристички потенцијали.
Mала држава како нашата, со исклучителни природни убавини и вредни културно-историски добра има големи и реални шанси да биде посакувана туристичка дестинација не само за време на летните месеци, туку во текот на целата година. Се разбира, останува трајната обврска на министерството за култура и туризам, другите министерства, но и единиците на локалната самоуправа, како и на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за создавање неопходни претпоставки, посочи Сиљановска-Давкова.
Стефаноска ја информираше претседателката за работата на агенцијата којашто е формирана во 2008 година, со акцент на последните неколку месеци откако е на оваа функција, посочувајќи ги успесите и падовите, актуелните проблеми и предизвици со коишто се соочува.
Потребно да се креира стратегија за развој на туризмот, комплементарна со онаа за културата како гаранција за успех, истакна.

Стефаноска на средбата го потенцирала и значењето на културната дипломатија, како и потребата за поддршка при организација на настани во странство со фокус на промоција на македонските природни убавини, традиции, и туристички производи.
Дополнително, како што информираат од Афгенцијата за промоција и поддршка на туризмот, се разговарало и за поттикнување на туризам од дијаспората преку кампањи и соработки со заедниците во странство, креирање на државна туристичка стратегија за дипломатска промоција, како и вклучување на туристичкиот сектор во државни манифестации, културни денови и посети на високи делегации.
OhridNews












