Политичарите и уметниците го искористија свеченото отворање на најголемата културна манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“, да испратат силни пораки за зачувување на универзалните вредности на Охрид поради кои неговото природно и културно наследство е заштитено од УНЕСКО. Уметноста треба да не инспирнира на храбри потези за Охрид, истакна во својот говор претседателот Пендаровски.
Како што го започнавме нашето патешествие, да ѝ дозволиме на уметноста да нè инспирира на храбри потфати. Да развиваме култура што ќе го отсликува богатството на нашите различни културни традиции, тука, во Северна Македонија. Да негуваме длабока почит и одговорност и за природата што ни е доверена на чување. Ова особено се однесува на незаменливото природно и културно наследство во регионот на Охридското Езеро. Мора да направиме сè што е во нашата моќ да го сочуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО. – рече претседателот Пендаровски.

Јас сега читам диво месо, а вие слушајте диво-градби. Диво месо е верување дека ако некому му влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расне и нарасне толкаво да го угуши човека. Месото мора да се откорне со нокти, раната да се изгори со жар. – рече Поповски.

Знам дека по однос на решението на овластениот градежен инспектор при Општина Охрид има жалба до второстепена комисија во Министерството за транспорт и врски. Се’ уште немаме добиено одговор од второстепената комисија, меѓутоа од документите и податоците што ние ги добивме од терен станува збор за диво изграден објект. – изјави градоначалникот Георгиески.
Георгиески најави дека во наредниот период ќе претстои евалуација на влијанието на евидентираните дивоградби врз природното и културното наследство на Охрид, по што ќе бидат преземени соодветни мерки. Решавањето на проблемот со дивоградбите е само едно од 19 барања на Реактивната мисија на УНЕСКО, кои Охрид треба да ги испони за да го зачува статусот на заштитено светско природно и културно наследство.
Проблемите со дивоградбите кои ги загрозуваат универзалните вредности на Охрид, и денеска беа предмет на партиски реакции. Според ГДУ тие се должат на политичкиот пазар кoј со години се применува на локалната сцена.
УНЕСКО и пред три години истото го бараше, и пред 8 години, но пазарот и изборите се впрочем многу поважни отколку УНЕСКО и граѓаните. Целата шпекулација и манипулација за време на изборите беше баш на сметка на
дивоградбите, но каков е резултатот и исходот, баш каков што и предвидувавме, иако се надевавме дека постои мала шанса да не се случи ова. – стои во соопштението на ГДУ.
OhridNews













