Ги замолувам сите политички партии да не ги злоупотребуваат воспитно образовните институции за политички цели, бидејќи во нив учат ученици од сите вери, со чисти и најискрени души. Работат колеги со една единствена цел, да го вложат својот труд за што подобро воспитување и образование на нашите деца, истакна Тони Симоноски, директор на ОУ „Христо Узунов“, по повод денешната прес-конференција на СДСМ Охрид околу обвинувањата дека локалната власт манипулира со јавноста преку образованието.

„Како директор на најголемото основно училиште во Охрид, морам да проговорам во јавноста за некои невистини, искажани на прес-конференцијата на СДСМ Охрид. Како прво, стварност е дека ниту едно училиште во општина Охрид нема блокирана сметка. Вистина е дека на некои училишта со примопредавањето на власта, сметките им беа блокирани.“ – потенцира Симоноски.

Тој истакна дека во ниту едно училиште во општина Охрид не е заостаната исплатата на опремнина на пензионерите, освен за последните заминувања во месеците февруари и март, која е во тек. Исто така, Симоноски додаде дека воопшто не се точни информациите за наводните бркања на наставниците.

„Велат дека имало голем број на избркани наставници. Воопшто не е точно, бидејќи ние кои што сме во образованието, а секако и вие, ги знаете правилата и законите, така да на секој до пет годишно работно искуство, договорот за работа му истекува на секој 31-ви август. Како директор на ОУ „Христо Узунов“, ниту еден од вработените во ова училиште, кои што беа во претходната власт ако така сакате да го наречеме тоа, ниту еден не е избркан, туку продолжија да ја обавуваат својата воспитно образовна дејност на местата на кои што си беа претходно вработени. Би ги замолил во иднина, да не плукаат по новопримените колеги дека се нестручни и неискусни во својата професија. Јас реков на почетокот, дека ние сме тука да го обавуваме воспитно образовниот процес на нашите ученици.“ – додаде Симоноски.

OhridNews