Раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид, Гоце Симоноски во интервју за Ohridnews се осврнува на остварените резултати во изминатиот четиригодишен период. Според него резултатите во досегашното работење се одраз на високопрофесионален ангажман на мaлa но компактна екипа која досега реализара 36 проекти. Општина Охрид е единствена која  успешно направи регистрација и категоризација на сместувачките капацитети заради што добивме и награда од Советот на Европа за најдобра општинска практика и една од ретките општини кои со сопствени капацитети реализараше проект од ИНТЕРРЕГ 3 програмата, вели Симоноски. Токму за проектот „Духот на Охрид“ раководителот на ЛЕР беше често критикуван од медиумите,  поради што, како што вели, не се лути. Тврдам дека овој проект 100 проценти е имплементиран  според стандардите на Европската Унија и сме позитивен пример – изјави Симоноски.

OHRIDNEWS: Од Секторот за локален економски развој се очекува да биде двигател на развојот на општината, да реализира проекти и да привлекува инвестиции. Колку успеавте во тоа? Што е досега направено и кои проекти конкретно се реализирани или се во фаза на изработка?

СИМОНОСКИ: Секторот за локален економски развој е новоформиран сектор со две одделенија-за локален економски развој и за туризам. Формиран е  со процесот на децентрализација и со дефинираните надлежности на Владата.

Дефинирани се и конкретни активности кои треба да ги работи секторот, но паралелно, треба да се спроведуваат и надлежностите делегирани од Европската Унија.

Одделението за локален економски развој, меѓу другите задачи, подготвува и различни стратегии. Точно е дека треба да биде двигател на општината, односно да има развојна функција и да ги координира сите одделенија. Со посебна почит кон стратегиите кои беа направени пред 10 или 15 години, но тие не одговараат на ова време на транзициони процеси. На пример, имаме стратегија за одржлив економски развој, а таква има уште само општина Велес. Ја сработивме професионално, а ни беше неопходна за да можеме да аплицираме до кој било од фондовите на Европската Унија.

Работевме и на стратегија за одржлив регионален развој. Правиме анализи на состојбата со туризмот. Сме одговорни за координација со релевантни институции во надлежност  на општината  и со надворешни инвеститори.

Развојот на информативен систем е мошне важен. Со пренос на надлежностите од централно на локално ниво, нема можност за индивидуално донесување одлуки. Се работи за решенија кои треба да се носат, а одлучувањњето е сврзано со многу фактори. Едноставно, мора да се има информативен систем кој ќе ги дава податоците и врз основа на кој ќе се носат реални одлуки.

Одделението за туризам, во суштина носи една активност што е дефинирана со акциониот план за децентрализација. Можам да се пофалам дека општина Охрид е единствена која  успешно направи регистрација и категоризација на сместувачките капацитети заради што добивме и награда од Советот на Европа за најдобра општинска практика. Освен тоа, одделението врши  и регистрација на  угостителството, а го поттикнува и развојот на туризмот. Учествуваме и во организацијата на туристичката заедница, во претставувањето на Охрид надвор… Сето тоа, без да се стави општината  како комерцијален субјект, без да остварува приходи од тоа. 


OHRIDNEWS: ЛЕР во иминатиот период беше често споменуван, а не ретко и критикуван околу проектот „Духот на Охрид“. Можевме да чуеме различни извештаи од тоа, дека е исклучиво успешен проект, до сериозни забелешки околу неговата успешност и финансиската конструкција. Кој е бенефитот на општина Охрид од овој проект?

СИМОНОСКИ: Да, имаше доста коментари. Би одел според паролата на еден градоначалнички кандидат која гласеше „Рес нон верба“, што значи, „Дела, а не зборови“. Можам да ви ја презентирам целата техничка документација која е подготвена за проектот и сите извештаи. Имаме огромен извештај кој дава обемни информации за проектот и за финансиската конструкција.

Воопшто не се лутиме на  медиумите и на граѓаните кои го користеа овој проект за политички цели. Не би сакал многу да коментирам, можам да ви ги кажам само резултатите кои се постигнати.

Прва работа, „Духот на Охрид“ е проект добиен од пристапните фондови  на Европската Унија. Значи, ИНТЕРРЕГ 3 програма која преку  КАРДС програмата се спроведуваше во Република Македонија. Уште со објавувањето на повикот, се постави прашањето, дали во Македонија има кадри кои умеат да направат проект по европски терк. Не би зборувал за другите, но би сакал да кажам дека општина Охрид беше една од  ретките што со сопствен тим и без консултантски компании, што не беше случај и со грчката страна, одговори на барањата на Европската Унија. Самата документација имаше околу 2 илјади страници. Проектниот предлог беше подготвен според „Практичен водич“. Имаше посебна комисија во Солун, посебна во Охрид. Регистриран беше кај сите институции задолжени да ја надгледуваат неговата имплементација. Тврдам дека 100 проценти е имплементиран според стандардите на Европската Унија и сме позитивен пример.

Во следната програма која дури сега се спроведува, со Република Грција и со Република Албанија влегуваме со едно големо искуство во пристапот до тие фондови што е многу редок случај со останатите општини во нашата држава. И уште нешто! Кој се може да учествува во таа ИНТЕРРЕГ три програма? Можат да земат учество општините, факултетите, јавните претпријатија, здруженијата на граѓани, невладините организации, медиумите. Не знам зошто не се вклучија. Ние  се вклучивме со ваков проект и го добивме.

OHRIDNEWS: И проектот за изработка на ГИС-системот имаше забелешки?

СИМОНОСКИ: Интересно е и ова прашање. И со ГИС системот би рекол дека сме пионери и дека сме во предност во однос на другите општини во државава. Се работи за многу скапа алатка во светот, која претставува основа за развој на управувачкиот информативен систем. Овозможува користење различни податоци и информации во процесот на одучување.

OHRIDNEWS: Зошто тогаш толкави забелешки?

СИМОНОСКИ: За да комуницирате со некого треба да имате приближно исти информации односно другата страна да биде добро информирана. Факт е дека многу медиуми информираа за процесот, а не присуствуваа на презентациите. Од старт се тргна со  некаква негативност. Мислам дека јас не бев во основата за тоа, туку во прашање е нешто сосема друго.Но и тоа е човечно. Патем, не им се лутам, им благодарам за тие забелешки, ни помогнаа проектите да ги завршиме успешно.
Значи, мислам дека е во прашање недоволна информираност. Паушална, но не би рекол дека злонамерна оценка. Документација има, може секој да дојде и да се информира, како што вие сега сте тука.

OHRIDNEWS: Бевте пофалени и наградени од ЗЕЛС за најдобра општинска практика околу категоризацијата на сместувачките капацитети…

СИМОНОСКИ: Како што кажав и претходно, тоа е активност дефинирана со акциониот план на Владата, а истовремено претставува  и обврска на секоја општина да го спроведе процесот на категоризација и регистрација, со една цел- да овозможи управување во делот на туризмот. Од сите општини, Охрид е единствената која со успех го спроведува овој процес.

Категоризацијата не е процес кој има завршеток. Очекуваме нови инвестиции, постојано вклучување на жителите на Охрид во оваа гранка бидејќи во нашата визија стои дека економскиот развој на општината се темели врз туризмот. Значи, очекуваме граѓаните да го подобруваат квалитетот на сместувачките капацитети, да градат нови и да земат учество во овој домен. Не е едноставен процес. Законодавецот ни го даде како задача, а наша обврска беше да се воспостави механизам, да се поврзат сите фактори, да се изберат информациите кои се важни за категоризацијата, и да се додадат дополнителни информации кои ги внесовме согласно светските стандарди за да се избегне субјективизмот во делот на одлучување на категоријата.

Економијата е во застој, бизнисите се непрофитабилни,а поголемите индивидуални објекти делумно или целосно згаснаа. Според нашите анализи на приходите, околу 1400 семејства, со тенденција на зголемување на нивниот број, обезбедуваат  од минимални до средства кои се доволни за континуиран одржлив живот. Оние кои обезбедуваат минимални средства од неколку стотини евра ќе можат да задоволат барем некои од елементарните потреби, но има и такви кои заработуваат и по неколку илјади евра.

Во секој случај, никој не може да го негира евидентниот развој на ваквите субјекти кои можеме веќе да ги наречеме и стопански субјекти.

OHRIDNEWS: Дали има одзив за категоризацијата кај приватните станоиздавачи?

СИМОНОСКИ: Има одзив кај граѓаните за категоризација на нивните објекти и многу им сме благодарни за тоа. И тие сфаќаат дека се работи за заедничко добро бидејќи општината не  е профитна организација. Граѓаните тропаат на општинските врати и бараат од инфраструктурни потреби до развој на туризмот, така што, нивните средства максимално транспарентно се инвестираат.

OHRIDNEWS: Колку сместувачки објекти се регистрирани и категоризирани?

Пред десеттина дена имавме категоризирано 1 335 објекти. Бројката континуирано се менува, нашата комисија е постојано на терен. Во текот на 2008 година се категоризираа 489 нови објекти. Мислам дека ќе стигнеме до бројка од 2000.

OHRIDNEWS: Често се споменуваат европските претпристапни фондови и проекти. Колку општина Охрид има капацитет да изработи соодветни проекти кои би биле финансирани од ЕУ?

СИМОНОСКИ:  Општина Охрид учествува во делот на подготвување проекти, дури ќе се вклучи и во делот на промоција на активностите кои следуваат за допонително информирање и обучување на оние кои ќе можат да аплицираат во фондовите.

Не е во ред да се очекува дека општината ќе ги поготви сите проекти. Немаме можност со овој кадар од 10-тина луѓе во двете одделенија на секторот за туризам и локален економски развој да реализираме илјадници страници, но тука сме да ги поддржиме сите соодветни проекти на јавните претпријатија, здруженијата на граѓани, невладините организации и слично.


OHRIDNEWS: Јавно-приватното партнерство е  добро разработен модел кој носи резултати. Зошто кај нас многу малку се применува?

СИМОНОСКИ: Ќе го кажам мојот личен став. Имаме позитивни примери од 2006 година каде со јавно-приватно партнерство се имплементираа некои проекти, но тие се реализираа како идеја. И пред неколку дена имаше промоција на јавно-приватно партнерство. Се поттикнуа овој модел, но мислам дека  Европската Унија не поттикнува повеќе да ги започнеме ваквите процеси отколку оние кои се надлежни  за тоа.

Неопходен предуслов за отпочнување јавно-приватно партнерство е завршување на процесот на децентрализација. Не е решен проблемот со државното градежно земјиште. Не им е префрлено на општините. А Охрид има подготвено проекти и за автобуската и за пазарот каде што земјиштето е сеуште во рацете на централната власт. Се сеќавате и Соравија беше во Охрид…

Инаку, секоја активност преземена со јавно-приватно партнерство надвор од законот се толкува како кривично дело. Таков беше и случајот во Струмица.

OHRIDNEWS: Една од задачите на ЛЕР е да ги промовира туристичките вредности на општината надвор?

СИМОНОСКИ: Еден од поголемите проблеми е промоцијата на градот. Она што го работевме во текот на изминатите 4 години беше интензивна промоција, но согласно нашите можности. Пред секоја делегација и во многу земји во светот успеавме да ја  промовираме државата, меѓутоа, не сме задоволни. Ќе бидеме, кога и граѓаните ќе бидат задоволни по ова прашање.

А.Ристоска