Како до поголема соработка и поедноставно следење на најновите технички достигнувања во делот на лабораториите за нафта е главната тема на 7-миот Регионален Симпозиум на лабораториите за нафта и нафтени деривати, што се одржува во Охрид. На Симпозиумот присуствуваат 65 претставници од над 30 лаборатории и други организации и институции од регионот. 

Организатори на овогодишниот, седми по ред Симпозиум се најголемите домашни компании во нафтениот сектор, ОКТА и Макпетрол. Покрај лабораториите кои функционираат во состав на ОКТА и на Макпетрол, на настанот учествуваат и лаборатории од Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија, Косово, Унгарија, а за првпат има и претставници од Грција. За време на настанот се одржаа повеќе предавања, дебати и дискусии преку кои се споделија знаења и искуства за најновите трендови и техники во анализата на квалитетот на нафтата и нафтените деривати. Сето ова ќе придонесе за оптимизирање на работата на лабораториите и ќе овозможи повисоко ниво на квалитет на услугите кои тие ги нудат. 

–Лабораториите постојано се наоѓаат пред различни предизвици, како намалување на трошоците на работење, испитување на својствата на добиените производи според сè построгите европски методи и стандарди, следење на најновите технички достигнувања во производството на лабораториска опрема, апарати и инструменти и нивно одржување, следење и примена на законските регулативи за заштита на животната средина. Овој симпозиум ни помага заедно и полесно да се соочиме со овие предизвици. – изјави Ице Рикалоски, директор на Дирекцијата за оператива во ОКТА АД Скопје.

Горан Ангелоски од Макпетрол истакна дека двете овластени лабораторија на Макпетрол и Окта доследно ги почитуваат европските стандарди кога е во прашање квалитетот на горивото, но потребен е поголем мониторинг на пазарот од страна на државата.

– Државата нема преземено конкретни чекори за мониторинг на целиот пазар, односно на останатите дитрибутери, што го покренуваме повеќе години, за да се види каков е квалитетот на горивото и кој го пласира на македонскиот пазар. – рече Ангелоски. Тој појасни дека Макпетрол и Окта имаат интерен мониторинг и единствено може да гарантираат за квалитетот на горивото на останатите дистрибутери, а тоа треба да го контролира државата, бидејќи сигурно има одредени пропусти и канали преку кои се внесува гориво со несоодветен квалитет.

-Тука треба да се вклучат царината, Министерството за економија и државниот пазарен инспекторат за да се види кој и каво гориво внесува во Македонија. – додаде Ангелоски.

Директорот на Институтот за акредитација Трпе Ристоски истакна дека Македонија располага со едни од најквалитетните лаборатории за контрола на квалитет на горивото коишто работат согласно светските и европски стандарди.

-Овие лаборатории се под постојан надзор од Институтот за акредитација на Македонија, чии што резултати се признати во цела Европа и целиот свет. Ова е битно затоа што некогаш се појавува сомнеж како Макпетрол и Окта сами на себе да ги си ги испитуваат продуктите, но тоа се лаборатории кои работат според меѓународни стандарди и се под постојан надзор. Нивните резултати се признаени во целиот свет и не треба да постои никаков сомнеж околу тоа. Она што треба можеби да биде чекор напред во поглед на заштита на потрошувачите од аспект на квалитетот на горивата е воведување на национален мониторинг. Тоа не подразбира потреба од нова лабораторија, туку вршење на дополнителни испитувања онаму каде тоа не се прави. – рече Ристоски.  

Лабораториите од регионот желбата за соработка ја покажаа и преку спроведување две заеднички испитувања на два различни нафтени деривати, на исти примероци и споредба на добиените резултати, применувајќи ги европските стандарди. На тој начин и помалите лаборатории добија можност дополнително и без големи трошоци да ги проверат своите методи, резултати, апарати и оператори. Неколку лаборатории од регионот учествуваа во проекти за заштита на животната средина, спроведени од светски институции, преку контрола на квалитетот на нафтените деривати кои се пуштаат во промет на пазарот. 

OhridNews