Сивата економија во е-трговијата, наоѓањето соодветен кадар, како и одржувањето на нивото на цените како претходните години и намалената побарувачка, се најголемите предизвици со кои се соочуваат е-трговците.

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија Нина Ангеловска пред почетокот на петтото издание на конференцијата за е-трговија што се одржува под мотото „E-commerce: Accelerate!” изјави дека сивата економија останува предизвик за е-трговците и дека најчесто таа се манифестира преку нарачки на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ за кои купувачите не добиваат фискална сметка, а институциите имаат слаби капацитети за ова да го следат и регулираат.

Кога станува збор за имплементација и градење капацитети секогаш ни оди да речам доста бавно. Во однос на бројките, сивата економија и на глобално ниво, колку е тешка да се сузбие, толку е тешка и да се измери. Генералните бројки за целокупната сива економија во државата знаеме дека се доста загрижувачки, тука се вклучува и сивата економија на пазарот на труд и сивата економија во промет и во сите области, рече Ангеловска, додавајќи дека купувачите мора да се свесни дека никој не ги штити ако самите не се заштитат и да знаат од каде купуваат.

Во однос на денешната конференција, Ангеловска нагласи дека ова е најголемото издание досега на кое има над 600 учесници.

Секоја година посветуваме внимание на квалитетна содржина и агенда или програма којашто е скроена согласно потребите на пазарот. Оваа година, темата е „E-commerce: Accelerate!”, бидејќи од годишната анализа што ја изработува Асоцијацијата за е-трговија, Северна Македонија и земјите од регионот бележат прогрес. Нормално дека пандемијата поттикна значајно забрзување на тој раст, меѓутоа прашањето е дали е тоа доволно. Одговорот согласно податоците кои ги гледаме е дека темпото на развој не е доволно, односно неопходно ни е забрзување, рече Ангеловска.

Целта, како што нагласи, е да успееме да го забрзаме развојот и да се доближиме до развиените европски земји, бидјеќи во моментот, како што информира, на речиси сите графици согласно сите релевантни индикатори за е-трговија, државава и земјите од регионот се речиси на дното.

На врвот сме само кога се работи за некои активности на интернет, како телефонирање, видео повици, користење на социјални медиуми. Анализата има интересни сознанија и факти каков е македонскиот купувач, што купува, каков е потенцијалот за развој, а денеска на конференцијата ќе зборуваме за тоа како бизнисите поттикнуваат менување на навиките на потрошувачите. Ќе разгледаме каква е ситуацијата во регионот и имаме четири главни траки кои вклучуваат испорачување на презентации и споделување искуство од 32 говорници кои доаѓаат од десет земји меѓу кои и претставници од „Гугл“ и од Тик-ток“, заклучи Ангеловска.

OhridNews