Специјалното јавно обинителство, денес, објави дека покрена нова постапка, овојпат, како што рекоа, не за државните функционери, туку за локалните моќници, за „најскапиот превоз на ученици“, кој го платил градот на конзулите, Битола. Катица Јанева, специјалната обвинителка, на почетокот на прес-конференцијата рече дека и покрај помилувањрто од претседателот Ѓорге Иванов, за сите политичари, обвинителството ќе работи според законот за СЈО, односно за случаите што произлегуваат од незаконското следење на комуникациите.

Обвинителката Фатиме Фетаи го објасни случајот кој денеска го објавија, и рече дека овој предмет бил преземен од ОЈО Битола кој ја почна предистражната постапка и имало вешт наод од општината за јавните набавки, а токму врз основа на нив ова обвинителство стекнало основано сомнение дека штетни финансиски последици во овој случај се направени врз буџетот на Македонија, а со тоа и врз сите граѓани. Во договор со директорите на средните и основните училишта во Битола, како „Јован Калаузи“, „Таки Даскало“, „Кузман Шапкарев“ и други, и превозниците Херо турс, Транскоп Битола, Џем турс, Боби турс, Хера транс, Лука транс и други, направена е  вкупна штета 22.240.891 денари или околу 360.000 евра за само две учебни години.

„Ова е износ од големи размери затоа што е поголем од 250 просечни плати во време на извршувањето на делото“, појасни Фетаи.

Таа додаде дека се направени 81 дејствие спротивни на Закон за јавни набавки, Закон за  основно образование, Закон за средно образование, во кои се вмешани повеќе лица, а две лица се константни учесници во сите дела а тоа се, како што рече Фетаи, помилуваниот градоначалник на Битола и претседателот на Комисијата за јавни набавки кој има книговодствено биро кое води книговодство на дел од превозниците. Појасни дека се изработувале фактури со суми многу повисоки од договорените, а тие биле одобрени од директорите на училиштата. Наплатата била направена  во 2012 до 2014 најчесто преку цесии, затоа што им биле блокирани сметките поради неплатен превоз.

Фетаи појасни дека за дел од учесниците во злоупотребата на службената положба ќе побараат притвор, а за дел процена на имотот на учесниците, а од тоа не може да биде аболиран ни градоначалникот.

OhridNews
извор Макфакс