Специјалното јавно обвинителство завршило повеќе од десетина истраги и се очекува до крајот на месецот да се донесат обвинителни одлуки: Обвиненија, или запирање на постапки, дознава Макфакс. Од извори блиски до СЈО, најголемиот дел од осомничените веќе ги примиле известувањата за завршените истраги, со исклучок на оние кои не биле во земјата или пак, од најразлични причини не можат да им бидат доставени известувањата. Меѓу нив се, екс премиерот Никола Груевски, Илија Димовски, Кирил Божиновски и други, но ќе се направи напор во текот на денот и тие да им бидат доставени.

За денеска се повикани на распит дел од осомничените во случајот „Талир“ (за финансирањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ), а оние кои немаат добиено известување ќе бидат повикани в понеделник. Како што дознава Макфакс, дел од осомничените во случајот одбиваат да ги примат известувањата и, најверојатно, се надеваат да истече рокот од 18 месеци за доставување обвиненија, кој завршува на 30 овој месец.

„Талир“ е прва истрага со основано сомнение за перење пари и незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Според СЈО, првоосомничениот, Никола Груевски, ја злоупотребил својата службена положба со тоа што прифатил незаконски пари и формирал група која се занимава со перење пари, кои потоа ги уплаќале парите на сметка на партијата.

Меѓу завршените истраги, се сите поголеми случаи на кои досега работеше СЈО како „Титаник“, „Тврдина“, „Тенк“, „Тендер“, „ТНТ“, „Тортура“, „Тотал“, „Тифани“, „Траекторија“, „Триста“ и други. СЈО досега поднесе обвинение за три случаи: Насилство во Центар, Тврдина 2 како и Транспортер, од кои првите два се веќе во судска процедура.

OhridNews
извор Макфакс