Слаба заинтересираност кај охриѓани за патување за новогодишните празници. Ваквата ситуација се должи на постојаното менување на Ковид мерките во сите земји. Досега резервираните аранжмани се за земјите од соседството, но како што посочуваат од туристичките агенции кои ги контактиравме, овие аранжмани се незначителни во споредба со штетите кои ги има туризмот во изминатите две години.
Со оглед на ситуацијата која повторно се налага со пандемијата со Ковид-19, заинтересираноста е многу слаба, за разлика од годините без пандемија. Тоа се должи на секојдневното менување на протоколите за патување во сите земји. Има резервации за поблиските дестинации Атина, Истанбул, Белград и Нови Сад, меѓутоа резервациите се многу незначителни, вели Јаким Маленко од туристичката агенција „Вис Пој“
Во поглед на зимската сезона, за зимските центри стандардно како и секогаш најголем интерес има за Бугарија за Банско и за Боровец и за Копаоник во соседна Србија. Заинтересираност има и за потоплите краеви, голем број на индивидуални аранжмани има за Дубаи, како поатрактивна и топла дестинација во зимските денови, но сепак зимската сезона не може да донесе подобрување во секторот, додава Маленко. Надежите се дека ќе има подобра летна сезона.
Зимската сезона не може да донесе подобрување во секторот. Зимскиот период е секако многу тежок за нас агенциите, посебно за Охрид и регионот кои претежно живеат од летната сезона, така да овие незначителни резервации ништо не можат да помогнат на последиците и штетите коишто ги имаме од изминатите две години. Не можат да влијаат на подобрување бидејќи сме далеку од подобрување. Остануваме оптимисти, според најавите кои ги имаме очекуваме да имаме добра туристичка сезона во летниот период. Не би можеле да ја очекуваме 2018 и 2019 година кои што беа врв во туризмот, меѓутоа барем 30-50 отсто од тоа што било пред пандемијата. За да го достигнеме тој врв ќе биде потребен долг период од неколку години доколку се смири оваа ситуација, додава Маленко.
И од туристичката агенција „Елида турс“ велат дека заинтересираноста за патување за новогодишните празници е слаба и барани се поблиските дестинации. За зимските аранжмани најмногу заинтересираност има за ски-центрите од соседството.
Во нашата агенција е многу слабо. Најбарани дестинации за Нова Година се Белград, Сараево и Истанбул. Во поглед на зимските аранжмани, заинтересираност има најмногу за Банско. Спасот на зимската сезона ќе зависи од ковид мерките велат од „Елида-турс“.
Неизвесна е и посетеноста на Охрид за време на новогодишните празници. Како што велат од туристичките агенции, се откажуваат аранжманите од странските гости кои планирале да ги поминат новогодишните празници во најголемиот туристички центар во земјава поради постојаното менување на рестрикциите за заштита од Ковид-19 во сите земји. Исполнети се помалите хотелски капацитети во градот, половична исполнетост има во приватните капацитети, додека големите хотелски капацитети се далеку од исполнување.
К.А.














