Празникот Духовден, меѓу народот  познат и како Дуовден, Света Троица, Педесетница, Свети Дух итн., се празнува десет дена по  Спасовден (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден (Воскресение Христово). Се вика и Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот што му дава печат на овој ден се случил точно на Еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската гора.

Тој ден апостолите биле на едно место во Ерусалим. Биле дванаесет на број зошто испразнетото место на Јуда Искариотски, кој по предавството на Исус се обесил, го пополниле со Матеј кого го избрале од учениците Христови, за нивниот број пак да е двананаесет. Околу девет часот наутро се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветер, се покажал Светиот Дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите. Овој момент е претставен и на иконите во нашите цркви, каде се насликани на едно место сите апостоли, заедно со Богородица, а над нивните глави се гледаат пламени јазици, што всушност го претставуваат Светиот Дух.

По овој настан апостолите почнале да зборуваат на разни јазици, а многубројниот народ што се собрал по силниот шум помислил дека тие луѓе зборуваат неразбирливо затоа што се пијани. Тогаш се појавил апостолот Петар кој на собраните луѓе им објаснил дека тие не се пијани туку се исполнети од Светиот Дух што им го испратил Господ. Потоа ги поканил да се крстат, а многумина што чувствувале товар на совеста поради настаните што му се случиле на Исус Христос, веднаш прифатиле да ја примат верата Христова. Само во тој момент се крстиле околу 3000 луѓе.