Снегот кој денеска врне на повисоките места во Западна Македонија создаде проблеми во одвивањето на сообраќајот на повеќе планински премини. Забрани за движење на тешки товарни возила има на Ѓавато, Стража, како и на патните правци Маврово-Дебар и с. Шипковица-Попова Шапка. На планинскиот премин Пресека од 19.30 часот укината е забраната за сообраќај на тешки товарни возила. Исто така сообраќајот на патниот правец Демир Капија-Неготино е нормализиран, информира АМСМ. 

Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од снег има на Попова Шапка, Маврово, Стража, Ресен, Крушево, Буково, Ѓавато, Плетвар, Пресека и Железнец.

Граѓани, пак, кои денеска патуваа од Охрид за Скопје преку Кичево, велат дека состојбата на патот е катастрофална. Коловозите не се исчистени, а покрај патот можат да се забележат излизгани возила. Прашуваат каде се екипите задолжени за зимско одржување на патиштата?

OhridNews