Снимателите Самир Љума и Фејми Даут ја добија наградата на „ASC“–американската асоцијација на кинематографери за „Медена земја“. Наградата за најдобар документарен филм им ја додели Тод Филипс, режисерот на филмот „Џокер“, кој и самиот својата кариера ја започнал во документаристиката.

Американската асоцијација на кинематографери ги доделува наградите за извонредни достигнувања по 34-ти пат оваа година. Ова се најзначајните светски награди посветени на филмската камера.

„Ние сме од Македонија, земјата во која се одржува најстариот фестивал посветен на кинематографијата „Браќа Манаки“, вака Самир Љума го започна својот говор на сцената по добивањето на наградата.

„Медена земја“ досега доби повеќе од 15 награди на престижни фестивали ширум светот. Освен трите награди од „Санденс“ фестивалот, „Медена земја“ неодамна ја освои и наградата за „Најдобар документарец“ на Националното друштво на филмски критичари и на Друштвото на филмски критичари во Њујорк, а Самир Љума и Фејми Даут ја добија наградата „Филмско око“ за исклучителни достигнувања во кинематографијата.

„Медена земја“ е номинирана во две категории за наградите Оскар. Церемонија на Деведесет и второто доделувањето на Оскарите ќе се одржи на 9 февруари во Холивуд во театарот Долби.

OhridNews