Со целовечерен концерт на Ансамблот „Танец“ и настап на КУД „Ѓердан од бисери“, вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид беше отворено 65. јубилејно издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, една од најзначајните фолклорни манифестации во регионот.

На свеченото отворање на фестивалот се обрати претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
Цели 65 години, Охрид живее со оваа значајна манифестација и преку невидливи, но силни нишки на традицијата, од година во година го зацврстува и го чува она што е највредно, нашата културна меморија, нашето заедништво и нашиот национален идентитет. На почетокот на јули, охридските улици дишат во ритамот на фолклорот. Градот станува сцена на која се среќаваат ора, носии и култури од целиот Балкан. Во овие денови, преку играта и песната, повторно се потсетуваме дека различностите не зближуваат едни со други и не учат на меѓусебно почитување. Овој јубилеј е доказ за континуитет, посветеност и искрена љубов кон традицијата. Тој е доказ дека она што е вистински вредно не избледува со времето, туку се пренесува од генерација на генерација, добивајќи нови значења и нова енергија, рече Божиновски.

Нека е честит јубилејот на фестивалот и нека продолжат да се испишуваат нови и поуспешни страници на оваа охридска и македонска фолклорна приказна, истакна Божиновски.
Во името на Собранието на Република Македонија свое обраќање имаше пратеничката од Охрид, Грација Бакраческа.
Од Охрид, градот на духовноста, културата и вековната традиција, испративме порака дека песната, играта и фолклорот ги поврзуваат народите, градат пријателства и ги надминуваат сите граници. Нека песната што одекнува овие денови биде песна на пријателството, а ората што ќе се заиграат симбол на единството и заедништвото. Традицијата е нашето најголемо богатство, а културата нашиот најубав амбасадор пред светот, рече Бакраческа.
Во рамки на тридневната фестивалска програма, љубителите на фолклорот ќе може да погледнат настапи на фолклорни ансамбли од Македонија и од неколку балкански земји.

OhridNews











