Со двојна премиера на претставата „Оркестар Титаник” од авторот Христо Бојчев, а во режија на Андреј Цветановски, Народниот театар од Охрид ќе прослави петнаесет години постоење како дел од центарот за култура “Григор Прличев” – Охрид.

Актерската екипа ја сочинуваат Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Верица Недеска, Филип Кипровски и Томе Станковски, костимите и сценографијата се на Сергеј Светозарев, додека музиката е на Димитар Андоновски.

Суштината на прославата е прославување на одредени човекови вредности. Прославуваме една сериозна издржливост, креативност, инспиративност и она што е најважно – низ овие 15 години поминавме многу улоги, рече директорот на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид, Горан Стојаноски на денешната прес конференција.

Благодарноста до сите кои биле дел од овие сериозни процеси кога е во прашање Народниот театар во Охрид. ​Искрено, тоа не е мала работа. Оваа претстава на Андреј Цветановски, која практично го отвори театарот со „Метаморфози“, го заокружуваме некако како еден јубилеј од 15 години со претставата „Оркестар Титаник“ и се разбира, со поддршка на Министерството за култура и на Општина Охрид. ​Публиката е оној медиум којшто секогаш размислуваме како да го расположиме или онерасположиме, или да го доведеме во една фаза да размислува малку повеќе од она што е реален живот. Ние на сцената живееме со сериозно распнати емоции и живееме еден малку поинтензивен живот. И затоа секој пат викам возбудата е голема на сцена, додаде Стојаноски.

Четириесет и шестатата премиера, „Оркестар Титаник”, ја режира Андреј Цветановски, еден од оние режисери кои со секое ново гостување во Народен театар Охрид, остава зад себе впечатливи и незаборавни постановки, кои одлично резонираат со охридската публика и носат нова искуствена вредност во самиот ансамбл.

Ова е шеста премиера што ја работам во Охридскиот театар и многу ми е драго затоа што низ овие 15 години, како што и јас растев и како режисер и како човек, така растев со целата екипа, рече режисерот Андреј Цветановски.

„Оркестар Титаник“ е една интересна приказна која во себе носи апсурд, но носи и нешто многу човечко, а тоа е потрагата по надеж. Бидејќи надежта е основна мерка единица за нешто што е човечко. А тоа се луѓе коишто живеат на една напуштена железничка станица и ја бараат својата надеж. Но, низ потрагата по надеж, доаѓаат до едно битно прашање – кој сум јас и каде сум во постоењето на човекот. Направивме една претстава којашто е емотивен рингишпил. Се надевам дека на публиката ќе ѝ се допадне и дека се гледаме на прославата за 30 години формирање, рече Цветановски.

Како актерка охриѓанка љубовта кон театарот ја развив токму овде и потоа животот ме однесе на разни патишта, но еве повторно сум назад и огромно задоволство ми е дека можам да бидам дел од оваа исклучително инспиративна екипа и да работам на овој проект „Оркестар Титаник“, вели актерката Верица Недеска.

Одлично е чувството да се врати човек дома, бидејќи театарот е дома. Во однос на темата овој текст и оваа претстава е исклучително важна за сите нас, мислам посебно, не само за младите туку и за старите, бидејќи покрај сè ова што го кажа Андреј дека дава некоја надеж и зборува за некоја надеж, сметам дека овој текст и оваа претстава зборува за тоа дека не постои никаде поубаво место од тоа каде што сме сега. Бидејќи сите ние копнееме да отидеме некаде, дека таму некаде нè чека некој поубав свет, додека сè околу нас оставаме да гние или да пропаѓа. А токму овој текст сметам дека и затоа е клучен и одличен избор за да се прослави 15-годишнината на охридскиот театар. Зборува токму за тоа дека тука, и овде, и сега, и од нас зависи колку ќе биде нешто добро и колку ќе биде важно и колку ќе биде како едно наследство што треба да го оставиме на идните генерации коишто доаѓаат. ​А покрај таа една, да речеме, космополитска, има и една индивидуална важност, бидејќи зборува за тоа дека среќата е во нас, внатре. И ние како луѓе сме одговорни за тоа дали ќе ни биде убаво тука или нема да ни биде убаво и дали ќе бараме некој друг да нè спаси или ние сме самиот спас, рече Недеска.

Генералната слика којашто публиката ја има стекнато за овој ансамбл и овој театар е дека градиме една приказна којашто е навистина убава, истакна актерот Никола Тодороски.

Мислам дека новата премиера е цреша, да речам, на оваа 15-годишна торта, којашто ќе им овозможи на гледачите да вкусат малку. Често нè прашуваат дали ќе биде смешна претставата, дали ќе биде комедија и така натаму. Значи, претставата обработува многу голем аспект на разни емоции, прашањата што ги поставува, и едно од најважните прашања веројатно коешто сите секојдневно си го поставуваме меѓутоа не забележуваме колку често го поставуваме, а тоа е – што е вистината за нас? Што е вистинско? Значи, многу често во нашите глави се создаваат илузии коишто нè прават да се чувствуваме вака или онака. И кога ќе се соочиш сам со себе и кога ќе допреш малку подлабоко, сликата станува појасна. И во сите тие мачни времиња, понекогаш е потребно малку магија за да се случи пресврт.  Она што го нуди оваа претстава е дека, колку долго и да тонеме заради општествените или личните случувања, ако добро се заслушаме, сепак музика се слуша на дното на океанот, вели Тодороски.

​15 години Народен театар Охрид не е само еден роденден, туку е една силна платформа за сите оние нови коишто размислуваат да ни се придружат во рудникот, како што милуваме ние да кажеме. Со таа разлика што кога ние бевме нешто помлади – немаше опција. Сега веќе има опција застаната на едни здрави нозе, со проекти коишто говорат за сериозноста на истиот тој театар и екипа којашто се надевам дека ќе се проширува во иднина, вели актерот Стрезо Стаматовски.

Во однос на претставата би спомнал само за ликот којшто го играм. Сите ликови во оваа претстава се исклучително комплексни и се водени од најразлични фундаменти во однос на разбирање на животот и смислата на животот и одговорите кај некој е вербата, кај некој е редот, други интелектот. Ликот којшто го играм јас е предводен пред сè од идејата дека универзумот секогаш мора да има смисла, мора да има интелектуално објаснување, мора да има одредена логика. Но, се случуваат некои работи на таа станица каде што живеат овие ликови, коишто се необјасниви со разум. Тој лик сè повеќе и повеќе се фрустрира, станува агресивен, станува љубоморен, знае да љуби, знае да убие, знае да се грижи. Баш ми доаѓа една многу интересна мисла на памет кога го кажувам сето ова, дека универзумот практично не е облигаторен, односно нема зошто нас да ни даде одговор зошто истото постои како смисла на живот, и да ни ги одговори тие прашања. Ние можеби сме стигнати до одредена свесност да ете до тука можеби да откриеме која е смислата на животот и зошто сите постоиме. Можеби и тоа е навистина одговор на смислата на животот – едноставно да се препуштиме на она коешто нема одговор, додаде Стаматовски.

Многу интересен е изборот на овој текст за 15-годишнината на нашиот театар, затоа што некако многу се поклопува со целата приказна. Односите внатре помеѓу нашите ликови што ги играме во претставата се како некаква паралела од секојдневието во еден театар, во една институција, рече актерот Филип Кипровски.

Секој со секого се сака, се мрази, посакува да биде поблиску или подалеку еден од друг, ама на крајот на денот сите си требаат еден на друг затоа што само така ќе функционира организмот, само така ќе функционира целината и само така ќе биде продуктивно она што што е цел зададена пред нас, дали во претставата возот што треба да дојде и да ги однесе некаде, а никогаш не доаѓа, или креирањето на една претстава и постоењето на сцена како актери во театарот, и не само како актери туку и како целата онаа сила позади нас, сите оние луѓе наши колеги што се е тука. Има една еден принцип што исто така ми доаѓа на памет кога ќе кога ќе ја размислам темата на претставата, а тоа е нешто што се вика „среќата на постоењето“. Колку на едно основно ниво нашите ликови таму се среќни што воопшто постојат, што сакаат да постојат и што сакаат да не исчезнат. Јас ја чувствувам таа вистинска, исконска среќа на постоењето што 12 години постојам и сум дел од ансамблот на овој театар. Се надевам дека публиката ќе ужива во она што ќе го види во среда и во петок и се надевам многу, многу често и понатаму. Нека ни е среќен роденденот и сите заедно да се радуваме. Охридската публика претпоставувам дека не е ни свесна доволно колку важно и навистина квалитетно нешто има во својот град во смисла на Народниот театар Охрид.

Томе Станковски посочи дека многу му значи ова што го прават како за роденденот, така и за градот, и држвата и општо за културата.

Мојот лик е Луко, поранешен началник на железничка станица, којшто живеел во ред, контрола, систем, структура, правила и одеднаш сè до тоа го нема. Има едно комплетно дно и е во потрага по смисла. Трагикомичен лик, којшто останува да го видите не само него, туку и односот со другите ликови. ​Мислам дека ќе ви се допадне многу. Она што можам да ветам е една бура од емоции во самата претстава и една енергетска бомба од наша страна. И посакувам овие 15 години да има една нула на крај, да дочекаме 150 години Народен театар Охрид. Може ние нема да дочекаме, ама тука се внуците и децата на Охрид, коишто еден ден тоа ќе го прослават, додаде Станковски.

Претставата покрај во среда – 3 јуни 2026, охридската публика ќе може да ја погледне и во петок, на 5 јуни со почеток во 20:00 часот.

Програмата на јубилејот повод 15 годишнината од формирањето на Охридскиот Театар, ќе започне во 19:00 часот со свечено отворање на изложбата „Историска патека на театарски претстави” – ретроспективен времеплов преку серија на костимско сценски поставки од досегашните претстави во продукција на Народен Театар Охрид. Изложбата ќе биде отворена за посетителите и во наредните денови.

Со двојна премиера на претставата „Оркестар Титаник” Народниот театар од Охрид ќе прослави петнаесет години постоење

 

Н.С.Ј.
фото/видео А. Момироска