По повод Денот на Охридското Езеро – 21 Јуни, викендов во Охрид се одржува спортско-едукативниот настан „Заедно за иднината на Езерото“, во чии рамки за првпат ќе биде организиран еднонеделен тренинг камп „Охридски ветрови“, наменет за млади едриличари и скијачи.
Настанот е во организација на Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“ од Охрид, Скијачкиот клуб „Диме Флејта“ од Тетово и Едриличарскиот клуб „Нов Ветар“ од Скопје, а неговата цел е преку спортот, едукацијата и дружењето кај младите да се развива љубов и почит кон едно од најголемите природни богатства на Македонија – Охридското Езеро.
Овие два дена заедно ќе го одбележиме Денот на Езерото преку спортскиот настан ‘Заедно за иднината на Езерото’. Ќе разменуваме искуства, ќе разговараме за организација на клупски регати и ќе го реализираме еднонеделниот тренинг камп ‘Охридски ветрови’, кој годинава се организира за првпат. На него младите скијачи и едриличари почетници ќе ги учат тајните на едрењето, изјави Стефан Ставрев од Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“.
Посебна симболика на настанот му дава учеството на младите скијачи од Тетово, кои за време на летниот период наместо на снег, своите спортски вештини ќе ги надградуваат на вода.
Одлучивме како скијачи дека летово снегот може да почека и дојдовме на Охридското Езеро да учествуваме на ‘Охридски ветрови’. Желбата ни е да научиме да го почитуваме Езерото, да научиме да едриме и да ги запознаеме сите убавини на Македонија. Веруваме дека младите скијачи можат успешно да едрат и дека и кај нас може да се создаваат врвни спортисти и шампиони, истакна секретарот на Скијачкиот клуб „Диме Флејта“, Љубомир Петковски.
Во активностите ќе се вклучи и Едриличарскиот клуб „Нов Ветар“ од Скопје, кој за потребите на кампот ќе обезбеди едрилици за тренинзи и практична настава.
Идејата да се зближат едриличарите и скијачите навистина ни се допадна. Двете дисциплини се многу блиски, бидејќи во основа се потпираат на природните сили и бараат чувство за движење и рамнотежа. Во рамките на кампот ќе ставиме на располагање две едрилици за тренинзи и натпревари. Целта ни е овој камп да прерасне во традиција и секоја година да се одржува во јуни во Охрид, изјави претседателот на клубот, Владимир Петровски.
На настанот се приклучија и нуркачите од клубот „Амфибија“ кои спроведоа еколошка акција на плажата „Кј Дивоно“.
Организаторите очекуваат „Охридски ветрови“ да стане препознатлив настан кој ќе ги поврзува младите од различни спортови, ќе придонесува за промоција на едрењето и активниот живот на вода, но и ќе ја подигнува свеста за значењето на заштитата и одржливото користење на Охридското Езеро, еден од највредните природни бисери на Европа.
Г.М.
Фото: А. Момироска































