Евроинтеграциите се клучен сегмент кој влијае на безбедноста на Балканот, сметаат екепертите од областа на безбедност, кои во Охрид учествуваат на 5-тата Меѓународна конференција посветена на ризиците и заканите по безбедноста на државите од регионот. Акцентот на конференцијата годинава е ставен на безбедносните предизвици во регионот во периодот 100 години од почетокот на Првата Балканска војна.

-Патот на интегрирање на регионот и евроатлантските интеграции, ни дава право да веруваме дека безбедносната ситуација во регионот ќе биде надмината. Мислам дека онаа синтагма за Западен Балкан како „буре барут“ се повеќе треба да се надминува и мислам дека науката е таа која ќе даде придонес во однос на ова прашање. – истакна Оливер Бачановиќ, декан на Факултетот за безбедност при УКИМ од Скопје.

Запрашан за безбедносните ризици по Македонија визави нерешениот спор за името, што се испречува на евроинтеграцискиот пат на земјата, професорот Богдановиќ рече дека државата неспорно ги исполнува потребните критерими но прашањето за името е едно од суштинските прашања кои, како што истакна, „ќе мора да го решиме затоа што тоа е влезница за нашите евроатлантски интеграции“.

Професорот Николај Палашев од Универзитетот во Софија подвлече дека во последните 25 години државите од Балканот, политичарите, но најмногу експертите, луѓето од научната фела, медиумите, се во потрага по начини за надминување на постојните недоразбирања, но не со оружје, туку преку комуникација.

-Радува фактот што на ваквите средби се покренуваат прашања од особена важност за регионот, не по застарените методи на полициска, воена соработка, туку преку можностите за изнаоѓање модели за пронаоѓање и усогласување на заедничките вредности и интереси, додаде Палашев. Според него потребно е сите фактори на Балканот да разберат дека отворенате комуникација, дијалогот треба да бидат обединувачкиот фактор, што ќе продонесе во изнаоѓањето начини, методи и модели за справување и превенција на безбедносните ризици од секаков вид.

Според Младен Бајагиќ, професор на Криминалистичко-полициската академија од Белград, солидарноста што државите од регионот ја манифестираа во активностите за надминување на последиците од последните елементарни непогоди на Балканот, може да претставува модел на соработка и во областа на безбедноста.

-Доколку успееме на регионален план, преку билатерална и мултилатерална комуникација, да воспоставиме сериозни модели на соработка во областа на безбедноста, тогаш веројатно ќе бидеме подготвени и за бидеме дел од системот на европската безбедносна политика, истакна Бајагиќ.

Професорот од Факултетот за безбедност Томе Баткоски се осврна експанзија на екстремно десните движења и партии во Европската унија. Тој посочи дека доколку овие сили добијат замав може да продуцираат и меѓународни судири.

-Треба да се работи на надминување на противречностите во самата ЕУ. Една е големата економска разлика помеѓу таканаречениот европски север и европски југ, разликата помеѓу доверителите и должниците, примерот со Шпанија, Грција и Португалија, така да овие проблеми можат да доведат до сериозен безбедносен проблем и потребен е научен пристап во превенирање на можните идни конфликти.-рече професорот Баткоски.

На дводневната Конференција во Охрид, која се одржува во организација на на Факултетот за безбедност при УКИМ, учествуваат претставници од високообразовни институции од областа на безбедноста од Словенија, Хрватска, Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Романија и Македонија.

OhridNews