Министерството за внатрешни работи, утрово во 6 часот, ги распореди полициските службеници на избирачките места кои што треба да ги обезбедуваат до 19 часот, до завршувањето на гласањето на вторите по ред предвремени парламентарни избори во Македонија.
Како што соопштуваат од Министерството, најголемиот дел од избирачките места се покриваат со фиксно обезбедување, но согласно потребите и проценките во однос на ризикот одредени избирачки места се покриваат и со патролни служби кои што на одреден временски интервал поминуваат и ја контролираат безбедносната состојба на избирачките места.
МВР во текот на целиот ден континуирано ќе биде во контакт со Државната изборна комисија (ДИК), со избирачките одбори и со општинските изборни комисии и ќе постапува по секоја пријава на граѓанин, овластени лица или какво било барање за асистенција.
МВР не открива колку точно полицајци ќе го озбезбедуваат изборниот процес. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска пред неколку недели изјави дека близу 6.900 полицајци до денот на изборите ќе поминат обука за тоа како да го обезбедуваат изборниот процес.
Денеска ќе работат и Управните служби, па сите граѓани кои аплицирале за лични документи и чии документи се изработени, ќе можат да си ги подигнат личните карти или патните исправи кои можеби ќе им требаат за да го остварат своето гласачко право.










