Со едукативни материјали, стручни совети за превенција и заштита од Хепатитис Б и Ц и со настап на познати имиња од охридската музичка естрада, синоќа на плоштадот „Крушевска Република“ се одржа едукативно – хуманитарен хепенинг по повод Светскиот ден за борба против вирусниот хепатитис.
Овој датум традиционално го одбележуваат Црвениот Крст Охрид, НВО „Опција и НВО „Хепта“ од Скопје, а годинава во организацијата се приклучија и новинарите со акцијата „За спас на еден детски живот“.
„И оваа година го организиравме овој хепенинг, со цел да прерасне во една традиционална акција во рамките на Светскиот ден за борба против Хепатитис Б и Ц. Целта на кампањата е да се крене свеста кај населението, луѓето да бидат поинформирани и да се стекнат со соодветни знаења како понатака би се заштитиле од оваа заразна болест. Настанот е со хуманитарен предзнак, бидејќи заедно со новинарите од Охрид ја продолживме хуманитарната акција „За спас на еден детски живот“. Средствата што ќе се соберат од најавените активности ќе бидат наменети за операција на 11 годишно момче од Охрид кое боледува од ретка болест.“ – изјави Младен Божиновски од Црвениот крст Охрид.
„Хепеинингот“ беше збогатен со настап на познати имиња од охридската музичка естрада, кои преку безвременските r’n’r хитови го привлекоа вниманието на присутните.
„Мотото на годинешната акција е „Think again, Ова е Хепатитис – Размисли уште еднаш“. Музичкиот хепенинг го подржуваат познати музички имиња од нашата локална сцена, млади таленти и рок групи меѓу кои Backdoor Band, Angry Birds, Street Spirit, Миланка Новеска, Емилија Колоска, Наталија Илијоска, Ана Бацеска, Боби Мојсоски и други.“ – рече Божиновски.
На плоштадот „Крушевска Република“ кај Чинарот, активистите на „Хепта“, „Опција“ и Црвениот крст Охрид делеа презервативи и флаери со информации за вирусната жолтица, а граѓаните можеа бесплатно да се тестираат за Хепатитис Ц во возилото на Црвениот Крст.
„Вирусниот хепатитис – погодува приближно 500 милиони лица во светот, предизвикувајќи акутни и хронични заболувања на црниот дроб и убивајќи речиси 1,4 милиони лица годишно. Годинава СЗО и земјите-членки, забележаа значителен напредок во борбата против оваа болест.“ – потенцира Божиновски.
Во рамките на акцијата, снимани се три видео спотови со превентивни пораки, во кои се појавуваат познати личности од разни сфери на живеењето.
„Видеата веќе се кренати на интернет. Едно од нив е на пет различни јазици, и тоа на македонски, турски, албански, англиски и шпански, со цел да дадеме една јасна порака дека овој вирус не дискриминира и може да го зафати секого, во зависност дали ќе се изложиме на ризик или ризично однесување.“ – појаснува Божиновски.
Во текот на изминатата седмица, волонтерите од Црвениот крст Охрид одржаа едукативни предавања за превенција од ова сериозно заболување.
„Реалзиравме едукативни предавања. Ги опфативме пожарникарите, затворениците како една целна група, потоа сексуалните работнички во НВО Опција и спастителите на вода, кои се ангажирани да работат на плажите. Ги избравме овие групи поради природата на нивната работа.“ – завршува Божиновски.
O.T.











