Владата не се откажува од изградба на Туристичка развојна зона во Љубаништа охридско, без оглед на проблемите во кои западна несудениот инвеститор, индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој е во притвор во матичната држава поради спор со инвеститори тежок над 3 милијарди евра. Според министерот за финансии Зоран Ставрески, изградбата на туристичката развојна зона во Љубаништа ќе придонесе за развој на туризмот и ќе отвори нови вработувања од што бенефит ќе имаат и локалната заедница и државата. Тој не гледа пречка за реализација на проектот и покрај отвореното противење на Дебарско – кичевската епархија која не сака да го продаде имотот во Љубаништа за изградба на туристички комплекс. 

-Остануваме на тие проекти и на концептот дека треба да привлечеме инвеститори. Дали тоа ќе биде Субрата Рој или некој друг ќе покаже јавната објава кога ќе се објави просторот за наддавање на еден транспарентен начин согласно законите во Република Македонија, кој ќе се пријави и ќе понуди најдобри услови тој би го добил како инвеститор. Независно дали земјиштето е црковно или на некое приватно лице секогаш се употребува иста методологија, а тоа е пазарно да се утврди вредноста и да се надомести соодветно сопственикот, а доколку пак тој не е незадоволен ги има правните механизми како во секоја европска држава функционира системот од аспект на можноста да се користат во втора инстанца сите судски и правни лекови.- изјави денеска во Скопје министерот за финансии Зоран Ставрески.

Дебарско – кичевската епархија веќе покрена судска постапка со која ја оспорува плановите на државата да се гради туристичка развојна зона на нејзин имот во Љубаништа. Надлежниот митрополит г. Тимотеј денеска уште еднш изјави дека земјиштето на црквата во Љубаништа не е на продажба. Тој рече дека тоа не е само негов личен став, туку на телата и органите на Дебарско – кичевската епархија, односно на целокупното свештенство и монаштво и на епархискиот управен одбор во кој членуваат и цивили.

-Кај се чуло и видело градежно земјиште да се отуѓува по цена од 200 денари, ако има такво земјиште нека понудат тие на црквата и таа ќе биде заинтересирана за таков откуп.-рече владиката Тимотеј.

Митрололитот Тимотеј истакна дека Црквата нема инструменти да и се спротиставува на државата и нема намера да отвара војна ниту со било која партија ниту со било која власт, но земјиштето во Љубаништа не го дава за изградба на туристички комплекс за ниту една пара.

– Не сме против градба на туристички развојни зони или вработувања, меѓутоа има и други моста каде што може да се гради, зошто треба да се градат коцкарници на најголемото светилиште во Охрид? –праша владиката Тимотеј.

Од општина Охрид велат дека немаат ингеренции во врска со проектот за изградба на туристичка развојна зона во Љубаништа, посочувајќи дека изградбата на најавениот туристички комплекс е во надлежност на државата.
 
-Ние сме постојано во комуникација со надлежните институции и за се што се предвидува во таа зона ќе бидете известени. – одговори денеска на новинарско прашање градоначалникот Бакрачески.

Реагираше опозициската ЛДП која се сомнева дека зад проектот во Љубаништа стои Субрата Рој. Членот на градскиот совет Дејан Блажески бара државата да открие што ќе се гради во близина на големото светилиште Св. Наум и кој ќе гради.

-Премногу смешен е изговорот дека еден затвореник и докажан иноверник од верски причини се откажува да гради во Љубаништа. Тоа отвара нови афери кој стои позади проектот Субрата Рој. Ова е апел до владата зошто не призннаат што станува со комплексот со Св. Наум и она што треба да се доизгради.-изјави советникот од ЛДП Дејан Блажески.

Советникот Блажески упати апел до пратениците од владејачката ВМРО ДПМНЕ од Охрид и колегите во градското собрание да и искажат поддршка на Дебарско – кичевската епархија во напорите да го заштити имотот во Љубаништа, кој како што рече, има голема духовна и културно историска вредност.

Според најавите, на брегот на Охридското Езеро во Љубаништа ќе се гради најмалку една туристичка развојна зона, а според одредени предвидувања ќе ги има три. Планот за изградба на туристичката развојана зона „Љубаништа1“ беше презентиран на 1ви ноември минатата година, а на 9ти јануари оваа година беше претставен експертскиот извештај за влијание на проект врз животната средина. Согласно ЕСПО конвенцијата чиј потписник е Македонија, при изградба на туристичко развојната зона во Љубаништа, потребно е да се извршат анализи и стручни консултации за трансграничното влијание на проектот врз животната средина, односно во случајов треба да се земат предвид забелешките и на Република Албанија.

Туристичкиот комплекс во Љубаништа според првичниот план, предвидува изградба на елитен хотел на вода, луксузни вили, сместувачки комплекс на брегот, голф терени и марина, а до него освен по вода планирано е да се стигнува и по експересен пат кој ќе минува низ националниот парк Галичица.

Горан Момироски