Со изградбата на катна гаража во Охрид ќе се решат долгогодишните проблеми во сообраќајниот метеж,  ќе се подобри квалитетот на живот на охриѓани, а ќе има придонес и во туристичката понуда на градот. Но, паралелно со неа треба да бидат донесени соодветни одлуки за посебен режим на сообраќај во старото градско јадро и да се води сметка за статичкиот сообраќај, беше заклучокот на јавната дискусија која се одржа денес во Општина Охрид на тема „Катна гаража – нова можност за Охрид“.

Проблемот и намалувањето на притисокот врз сите видови сообраќај е изградбата на подземни или надземни гаражи, во случајов изградба на надземна катна гаража. При изградбата на катната гаража најзначајни се два аспекти едниот е пристап до поголема и попрометна сообраќајница во случајов пристап до „Туристичка“, а другиот е истата да биде во централно градско подрачје, вели Љупчо Танески, претставник на Општина Охрид од Сектор за комунален развој.

Охрид од сообраќаен аспект е специфичен во многу делови, но промените во сообраќајот особено се случуваат во летниот период, за време на празниците, а изградбата на катна гаража во голема мера би го решила овој сообраќаен метеж во градот и паркирањето. Но, треба да се земе во предвид и фактот дека паралелно треба да се води сметка и за статичкиот сообраќај, не само за динамичкиот. Тоа значи забрани за уличното паркирање на пример на улиците „Димитар Влахов“, делови од „Партизанска“, „Македонски Просветители“…На тој начин ќе го намалиме притисокот врз локалната патна мрежа, а ќе овозможиме и користење на алтернативен сообраќај за граѓаните, како што е на пример велосипедскиот, пешачкиот, но и организиран сообраќај во случајот општинскиот јавен превоз. Главни аспекти на изградбата на катна гаража од сообраќаен аспект се модерност при паркирањето, организираност и безбедност на сите учесници во сообраќајот, потенцираше Танески.

Во однос на перспективи за катната гаража -можност за Охрид говореше Живка Ангелоска, член на Советот на Општина Охрид од редовите на СДСМ, која истакна дека годините наназад во повеќе локални изборни циклуси, факт е дека во програмата беше предвидено и изградба на катна гаража, што е за почит, но слабоста е дека нема доследност во однос на реализацијата.

Имајќи во предвид дека Охрид е туристички центар катната гаража не само што е потребна, туку мора ова прашање кое се провлекува низ годините да се реши, не само за подобрување на квалитетот на живот за нас како граѓани во Општина Охрид, туку и за туристите. Со катната гаража покрај обезбедувањето на паркинг просторот, ќе се редуцира и регулира и сообраќајот во градот. Можеби и катната гаража би претставувала решение за регулирањето на сообраќајот во стариот дел од градот, каде низ годините се применуваа многу начини на регулирање, но никогаш не се дојде до едно идеално решение на општо задоволство на сите граѓани од овој дел. Сметам дека со катната гаража ќе има помала узурпација и на јавните површини, особено во текот на летниот период. Во екот на туристичката сезона е тешко да се пристапи до централното градско подрачје и да се пронајде слободно паркинг место. Катната гаража претставува и предуслов и за подобар впечаток за Охрид на туристите кои доаѓаат и дефинитивно на Охрид му е неопходно потребна најмалку една, можеби и повеќе катни гаражи. Се надевам дека оваа иницијатива ќе стигне до реализиација, Ангелоска.

Околу катната гаража и предизвиците за културното наследство на Охрид свое мислење изнесе Горан Патчев, вработен во НУ Завод и Музеј Охрид, кој потенцираше дека несомнено е дека со новото решение ќе се решат долгогодишните проблеми во сообраќајниот метеж во тој дел од градот и пошироко, но ова е само еден чекор кон решавање на вкупниот проблем со старото градско јадро.

Планот за управување со светско и природно наследство кој се донесе во 2020 година незнам од кои причини делот за ограничување на висините се донесе паушално и сега тука ќе има голема улога Комисијата за спроведување на Планот за управување, да направи отстапка од тој принцип на висини и за катната гаража да се донесе одлука да се изгради така како што е предвидена по ДУП-от, бидејќи и тогаш анализите се правени и тогаш постоел УНЕСКО и ние како НУ Завод и Музеј сме мислеле на аспектите на заштита на културното наследство и тогаш. Планот за управување не е пречка да се изгради еден ваков објект особено кога за тоа се изјасниле стручни луѓе од областа на заштита на културното наследство и ја оправдале нејзината изградба.

Додаде и дека претходната верзија на катната гаража била на расправа пред стручен тим од Министерството за култура и истата била корегирана во поглед на терасата горе, деловните простории, а зголемен бил и бројот на паркинг места за разлика од првата верзија.

НУ Завод и Музеј изврши стручна контрола и има дадено позитивно мислење за проектот. Покрај катната гаража треба да се донесат и соодветни одлуки за посебен режим на сообраќај во старото градско јадро, ќе се реши метежот во летниот период и ќе се придонесе во туристичката понуда. Сето ова можеме да го забележиме и е нотирано во реактивната мисија на УНЕСКО. Решавањето на сообраќајното прашање во старото градско јадро беше една од забелешките на УНЕСКО и ова е еден чекор во позитивно решавање на тој проблем. Треба да се направи еден баланс помеѓу развојот и заштитата. Ние како институција одиме во тој правец, додава Патчев.

Митко Кузманоски, претставник од граѓаните и еколошкото друштво „Еколаг“ исткана дека мора да се води сметка за еколошка заштита на просторот, бидејќи во конкретнава ситуација, вели, има само бетон, никакво зеленило.

Затоа како идеја на тој простор кај што е сегашниот паркинг може да се направи монтажен паркинг простор на две нивоа, со што ќе добиеме 120 места за паркинг. Тој паркинг простор познавајќи ги приликите на жителите од Охрид нема да биде за задоволување на туристичките побуди на луѓето, туку простор кој ќе го користат 80% жителите. Како идеја би предложил и две други локации за паркинг, една на влезот на Охрид кај бензиската на Лукоил и еден над просторот кај Билјанини Извори, пред бензиската пумпа на пример, рече Кузманоски.

Jавната дебата на тема „Катна гаража – нова можност за Охрид“ беше реализирана од страна на Здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“ со цел анимирање на охридската јавноста во поглед на тоа што локалната самоуправа досега успеала да постигне при реализација на проектот.

Нашата цел е да ја анимираме охридската јавност и да направиме еден мост помеѓу локалната самоуправа и граѓаните да имаат точни информации до каде е локалната самоуправа во овој процес, вели Никола Ѓоршоски, координатор на проектот.

Елена Ристеска, мобилизатор на проектот вели дека оставрила неколку состаноци со засегнатите страни и заклучокот е дека реализацијата на проектот сеуште е во административен лавиринт, потенцирајќи дека веќе има изработено Физибилити студија од страна на Општина Охрид, а врз основа на која изработена е макета од страна на Колектив АРХРИД.

Н.С.Ј.