Јавна дебата на граѓанските организации со Локалната самоуправа како прв чекор од новата ЛОД методологија врз која Општина Охрид ќе доделува средства на организациите беше одржана денес. Со оваа методологија, прво се мапираат проблемите кои постојат во заедницата, а потоа се распишува Јавен оглас за доделување на буџетски средства, со што се менува старата практика кога програмата за граѓански сектор за таа година се изготвуваше врз основа на апликациите од граѓанските организации на претходно објавен Јавен повик.
Како што истакна Димитар Спасески од Секторот за образование, детска и социјална заштита, досегашниот начин на доделување на средства предизвикувал незадоволство и кај граѓанските организации од висината на средствата и кај Локалната од постигнатото.
Како Општина донесовме одлука да ја напуштиме политиката да има средства за секого по малку, туку да има средства кои ќе се доволно за нешто реално се сработи и да издвоиме средства за квалитетни проекти. Методологијата во себе вклучува многу алатки за транспарентен начин на доделување на грантови до граѓанските организации и практично денешната средба е еден почетен чекор во тој правец. На Јавна расправа беа дадени предлог приоритети и денес со претставници со граѓанските организации ќе се утврдат тие приоритети по кои ќе биде објавен јавниот повик на почетокот од следната година, вели Спасески.
На постапката претходеше постапка за потпишување Меморандум за соработка со UNDP и со тоа Општина Охрид е дел од пилот општините коишто ќе работат на утврдување на оваа методологија. Дел од средствата кои ќе бидат доделени се од UNDP , а Општината учествува со 25 проценти од вкупниот износ на средства. Точната висина на пари кои ќе бидат доделени ќе се определи по завршување на процесот на евалуација.
Ова е втората фаза од проектот кој започна во 2017 година, во првата фаза беа опфатени пет општини, а во втората фаза се опфатени 6 општини и плус две од минатата фаза. Проектот покрај во Охрид ќе се спроведува во Битола, Велес, Гевгелија, Кочани и Крива Паланка, истакна Билјана Георгиевска – проектен раководител на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан.
Целта е да им се помогне на општините на еден транспарентен и инклузивен начин, со вклучување на граѓанскиот сектор во континуитет да бидат финансирани граѓанските организации од општинските буџети во рамките на проектот. Пред да започне проектот беше изработена ЛОД методологијата која дава многу едноставен чекор по чекор пристап за финансирање на граѓански организации. Првиот чекор предвидува јавна дебата на која ќе се дефинираат приоритети. На овој начин ние ги дефинираме реалните потреби на граѓаните и врз база на тие потреби да распишеме Јавен повик и нормално финансирањето ќе биде врз база на проекти, вели Георгиевска
На Јавната дебата, претходеше средба на претставниците од UNDP со Градоначалникот Кирил Пецаков на која покрај за ЛОД методологијата и финансирањето на граѓанските организации било разговарано и за Јавниот повик на кој сите граѓански организации треба да поднесат предлог проекти во дадена област. Проектите потоа се оценуваат од страна на комисија и на крајот се финансираат од општинскиот буџет.
Проектот е финансиран од Европската Унија, но го спроведува UNDP покрај во Македонија уште во Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина.
К.А.














