Преку мирен протест, што се одржа попладнево, жителите од охридската населба „Христо Узунов“ побарааа да се отстрани базната станица на мобилен оператор, што е во фаза на поставување, на еден од покривите на станбена зграда во населбата. За оваа цел, тие спроведоа и петиција, која како што рекоа, досега ја потпишале над 800 лица.

  • На мирен и демократски начин, преку овој собир и големиот број на собрани потписи, бараме од менаџерскиот тим на телекомуникацискиот оператор, кој е сопственик на станицата, во текот на наредните неколку дена да го отстранат објектот кој е поставен во нашата населба. Сериозно сме загрижени за нашето здравје и здравјето на нашите деца, кои секојдневно ќе бидат изложени на штетни електромагнетни зрачења, сигнали и фреквенции од оваа станица. Воедно го повикуваме градоначалникот, советниците во советот на општина Охрид и сите пратеници од нашата општина да не поддржат и да помогнат во решавање на овој проблем, рече пред насобраните граѓани Никола Велјаноски од Иницијативниот одбор.

Тој додаде дека граѓаните, без разлика на етничка, верска или било каква друга припадност, се сплотени и единствени и кога се работи за здрава и мирна животна средина.

Непосредно пред одржувањето на собирот, со писмен допис до медиумите се обрати и Македонски Телеком кој тврди дека за поставување на базната станица ги има сите потребни документи од општината и другите надлежни институции согласно законските прописи, како и согласност од станари на зградата. Додаваат дека базната станица е безбедна за здравјето на луѓето од непосредната околина.

OhridNews